Директорот на Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“, Јордан Насев ги доби решенијата за реконструкција и поставување фотонапонска централа на кровот на објектот. Насев денеска изјави дека ќе се постави енергетски-ефикасна фасада, столаријата ќе биде комплетно заменета, ќе се промени кровната конструкција, водоводната и електричната инсталација, а ќе се постави и нов инвентар.

-Денес ние како Студентски дом и официјално ги прибавивме сите документи за реконструкција и за поставување на фотонапонска централа на објектот. Со основниот проект којшто беше аплициран во Министерството за образование денес добивме Решение за да може да се отпочне постапката за тендерирање, дополнително добивме уште едно Решение за да поставиме фотонапонска централа со јачина од близу 100 киловолти на кровната конструкција. Мислам дека по овој настан, веќе Министерството ќе може да покрене постапка за тендерирање, ние ќе бидеме во вториот лот, така што очекуваме тоа да се случи во најбрз можен рок, рече Насев.

Студентскиот дом во Штип годишно плаќа околу 45.000 евра за електрична енергија, и покрај тоа што се затоплува на нафта. Со новата фотонапонска централа ќе се намалат трошоците, а студентскиот дом ќе се затоплува со електрична енергија.

-Ние во моментот се затоплуваме со нафта, меѓутоа голем дел трошиме и електрична енергија за приготвување на храна, за осветлување и други потреби. Годинашните трошоци се повеќе од 2,5 милиони денари или близу 45.000 евра. Со фотонапонската централа прво ќе преминеме да се затоплуваме со електрична енергија, потоа ќе добиеме заштеда во енергетска ефикасност и, нормално, ќе имаме заштеда од економски аспект, значи ќе плаќаме помалку пари за струја, изјави Насев.

Владата најави реконструкција на сите девет државни студентски дома, а неодамна го потпиша договорот за реконструкција на двата студенски дома во Скопје, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“. Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови се реализира со средства од Германската развојна банка и грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2024 02:24