На Гинеколошко-акушерското одделение при Општата болница со проширена дејност во Кочани вчера попладне е извршено првото породување во 2024 година, а се родило женско бебе.

Со помош од лекарско-акушерскиот тим од Болницата, новороденчето на свет го донесе 29-годишната Емилија Постолова од виничкото село Пекљани, на која ова ѝ е трета рожба.

-Породувањето помина нормално и спонтано, без проблеми, бебето имаше тежина од 3,3 килограми и должина од 50 сантиметри. Мајката имаше индуцирана преносена бременост од неколку денови, но породувањето беше со уреден тек и во моментот се чувстува одлично, истакна Илчо Атанасовски, специјалист по гинекологија.

Од Општата болница нагласија дека поради недостигот од медицински кадар минатата година имало помал број породувања, а родилките се испраќани во други здравствени установи.

-Нешто повеќе од една година работи само еден специјалист, а во меѓувреме на специјализација имаме уште три лекари кои очекуваме да се вратат до крајот на оваа година. Со тоа се надеваме дека ќе го вратиме претходниот тренд со поголем број породувања, располагаме и со потребна опрема, односно ехо апарат, како и близначко ЦТГ, а лекарот е ангажиран и во Мој термин во амбуланта, истакна Дишана Горгиева Трпевски, директорка на Општата болница во Кочани.

Делегацијата од Општина Кочани, предводена од градоначалникот Љупчо Папазов денеска ги посети мајката и новороденчето, при што им посака добро здравје и им врачи пригодни подароци.

-Раѓањето на малата Бојана нека биде првиот знак за подобрување на лошиот демографски тренд и во нашата општина и во државата, во очекување дека ќе имаме повеќе новороденчиња. Упатувм благодарност до персоналот на Општата болница за грижата околу мајката и бебето, а на новороденчето му посакувам среќно детство, добро здравје и безгрижни денови во животот, истакна Папазов.

Првиот жител на општина Кочани во 2024 година е малиот Јаков Постолов, кој се роди на една од приватните клиники во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2024 19:42