Општина Битола гради три нови паркинг простори, спортски игралишта, улици, а во функција ќе биде и електронската наплата на данок на имот и интегриран ГИС систем и систем за електронски постапки.

Во новата година, информираа од локалната самоуправа, општина Битола ќе ги заврши почнатите проекти, а врши подготовка за нови, согласно усвоените програми и средствата планирани во општинскиот буџет.

-Трите нови паркинг простори се на местото викано „Декорпод“, потоа на улица „Романија“ и кај „Ат Пазар“, изградба на нови спортски игралишта ќе има во Брусничка населба и ОУ „Елпида Караманди“, градежна оператива врши реконструкција на коловоз на улица „8-ми Септември“ која се наоѓа на сообраќајниот влез од страна на Скопје, како и изградба на коловоз и инфраструктура на улица кај Дулие каде се гради објект на ЛИДЛ и БЛИС. Исто така се врши реконструкција на коловоз на улица „Булевар 1-ви Мај“, од местото викано Црн Мост до улица „Столарска“, информираа од општината.

Паралелно со овие инфраструктурни проекти, во локалната самоуправа планираат проектирање и реконструкција на патна инфраструктура во урбаниот и руралниот дел на општината, а наскоро во функција ќе биде и ќе може да се врши електронска наплата на данок на имот и интегриран ГИС систем и систем за електронски постапки.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2024 23:21