Децата од Куманово учествуваа во Бадниковата поворка и ја пееја „Вечниот бог“. Со ѕвездички во рацете и пештера се движеа од Соборниот храм „Свети Никола“ по централните градски улици. Нив ги пречека кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој ги даруваше со бадникови подароци.
-По повод големиот христијанскиот празник Бадник, околу двесте дечиња, чекорејќи во Бадниковата поворка и пеејќи ја Божиќната песна „Вечниот Бог“, денеска ја посетија Општина Куманово, радосно наговестувајќи го Христовото раѓање. Заедно со членови на мојот кабинет ја пречекавме поворката, а на децата им подаривме бадникови пакетчиња, посакувајќи им многу здравје и среќа во Новата 2024 година, рече Димитриевски.
Оливера Трајковска од „Бадникови поворки“ посочи дека годинава и изминатава недела покрај работилниците одржале и мини концерт со детски песнички, а посетиле и нивно другарче со тешкотии во движењето.
- Годинава, Бадник го дочекавме достојно со многу весели детски лица, кои во еден глас ја пее каландата „Вечниот бог“. Куманово достојно го празнува Бадник и Божиќ и догодина се гледаме во уште голема бројка, рече Трајковска.
Годинава, посочи таа, имало околу 400 деца заедно со нивни родители.