Жителите на кумановското село Речица реагираа зошто се закопуваат угинати свињи од на подрачјето на нивното село. Тие не сакаат угинатите свињи од болеста африканска чума да се закопуваат на нивна територија, стравувајќи за своето и здравјето на блиските и околината. На терен беше и полицијата од каде потврдија дека интервенирале, привеле чeтворица, бидејќи нападнале полициски службеници од кои двајца се повредени.

- Денеска, полициски службеници од СВР Куманово, постапувајќи по барање на АХВ за непречено спроведување на заклучоци од кризниот штаб на Општина Куманово, за итно нештетно отстранување на мрши од свињи угинати од африканска свинска чума, во село Речица привеле четири лица, затоа што физички нападнале полициски службеници, од кои двајца се повредени. По целосно документирање на случајот против сторителите ќе следуваат соодветни пријави, информираше полицијата.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство, вечерва излегоа со соопштение во кое наведуваат дека Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нема сознанија зошто се бунат жителите на кумановското село Речица, бидејќи, инспекциските служби на АХВ воопшто немале активности таму.

- Закопувањето на угинатите животни од африканска чума кај свињите и депопулираните свињи од фармата во село Тромеѓа, каде неодамна од оваа болест, од 660 животни угинаа 60 свињи се врши на локација во село Режановце која за оваа намена е одредена од страна на локалната самоуправа, велат од АХВ,

По последниот случај во село Тромеѓа, засега состојбата со болеста во Кумановско е стабилна, односно нема појава на нови жаришта. Во заштитната и зоната под надзор во тек е спроведување на активности за ставање под контрола и ерадикација на болеста.

Општинскиот штаб за заштита и спасување Куманово денеска одржа состанок во просториите на Општината заради појавата на болеста африканска чума кај свињите во општината и донесоа повеќе заклучоци, меѓу нив АХВ да обезбеди заштитни мерки при транспорт на угинатите животни, јавните претпријатија да пружат логистичка поддршка, СВР Куманово да асистира, сите институции да преземат мерки за сузбивање на болеста. Од општината наведуваат дека локациите кои биле посочени од АХВ како соодветни за закоп на угинати и убиени животни согласно нивните важечки правилници, а за кои Општина Куманово доставила барање за мислење до надлежни институции и добила позитивно мислење од Агенција за храна и ветеринарство, да се користат за закоп на угинати животни. Оттаму наведоа дека Куманово, преку службите ќе треба да утврди нови предлог-локации за кои ќе спроведе постапка за утврдување на нови локации за закоп на угинати животни при евентуална појава на друго жариште.

Инаку, вечра АХВ потврди дека во кумановско повторно е регистрирана болеста африканска чума кај свињи. Лабораториските наоди од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје покажаа присуство на болеста африканска чума кај свињите во одгледувалиште во село Тромеѓа. Во ова село и во населбата Карпош е заштитна зона е во радиус од три километри, додека во повеќе села во радиус од десет километри Карабичане, Табановце, Четирице, Горно Коњаре, Долно Коњаре, Речица, Режановце, Лопате, Бедиње, Клечовце, Проевце, Љубодраг, Шупљи Камен, Черкези, Зубовце, Романовце, Бељановце, Доброшане и градот Куманово во Општина Куманово, Старо Нагоричане, Младо Нагоричане и Никуљане во општина Старо Нагоричане, Ваксинце и Опае во Општина Липково е зона под надзор.

Од 27 декември, лани затворен е и добиточниот пазар во Долно Којнаре.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/01/2024 02:59