Последниот празничен викенд во Гостивар беше раздвижен поради заминувањето на печалбарите, дојдени за новогодишните и божиќни празници. Изминативе две недели нивното присуство беше забележливо по угостителските локали, дуќаните, а најмногу по улиците. Оваа недела најголем метеж имаше на автобуската станица од каде тргнуваа повеќето автобуси на меѓународните дестинации.

Деновиве на социјалните мрежи и во разговорите меѓу гостиварци, исто како и кон крајот на летото и во овој период секоја година се коментира колку нашинци се дојдени во родниот крај.

Последните процени базирани на извештаите од туристичките агенции и превозниците упатуваат на цифри дека изминативе две недели бројот на луѓе во Гостивар се зголемил за двојно. За одговор се обративме кај неколку превозници и туристички агенции кои имаат податоци.

Во агенцијата „Соло рајзен“ која има редовни автобуски линии за Германија во овој период организира и патувања за Швајцарија, потврдија дека имале зголемен обем на работа и дека го очекувале. Од петокот тие имаа „полни раце“ работа бидејќи организираа враќање на иселениците во Швајцарија.

- Во петокот имаше два, а во саботата пет автобуси со патници кои го резервирале враќањето за Швајцарија. Имавме и два автобуси во средата. Во меѓувреме, испративме и еден полн автобус за Германија со редовната линија, ни рекоа од агенцијата.

Според бројот на седишта во еден автобус, може да се заклучи дека само овој викенд кон западно европските земји со оваа агенција заминале околу 700 лица.

Зголемен обем на работа овие денови имаа и во агенцијата „Еуро Турист“ која освен превоз на патници управува и со градската автобуска станица. Од таму потврдија дека имале над илјада резервации за повратните билети за Швајцарија, Италија и Австрија. Според нивната евиденција, минатата недела од средата до сабота организирале 18 автобуси кои се упатија кон западно европските земји и главно превезуваат печалбари.

- Во саботата имавме десет. Половина за Италија, а другите пет кон градови во Швајцарија. Автобускиот превоз го користат најмногу заради комоцијата и тоа што може да понесат повеќе багаж и секако имаат доверба во нас, со оглед дека имаме искуство во организирањето на патувањата, рекоа од Еуро турист“.

Процените на туристичките работници и превозниците се дека годинава дека само во првата недела од јануари од гостиварско кон дестинациите на запад, тргнале двесте автобуси, кои просечно превезуваат по 55-60 патници, па како што велат, грубата процена е дека во една недела отпатувале најмалку 11 илјади патници.

- Не може да се одреди точната бројка колку печалбари дошле во родниот крај. Тука треба да се земе предвид и тоа дека многумина доаѓаат со авиони, а заради добрите временски услови, многумина ги користат автомобилите за да дојдат фамилијарно.

Освен нашите гостиварски, агенции и превозници патувања на меѓународни дестинации организираат и уште неколку агенции кои ја користат нашата автобуска станица, но има поаѓања и од други места, ни рекоа од Еуро турист.

Метежот кој деновиве владееше по гостиварските улици и околните села, од вчера веќе го нема и како што велат гостиварци, сега може да се „дише“.

Позитивниот ефект од доаѓањето на печалбарите најмногу го почувствуваа угостителските работници и трговците. Повеќето од нив потврдија дека имале неколкукратно зголемени промети. Зимскиот одмор некои печалбари го искористија и за да присуствуваат на семјни прослави и свадби.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2024 00:15