Не би ме чудело Владата и за последно предложениот за директор на М-НАВ нешто не смени или евентуално не би се случило нешто и со него. Владата чека пет дена да заседава и да го разгледува случувањето во М-НАВ и гледаме пак грешки. Целосно се несериозни и неодговорни, рече Дафина Стојаноска пратеник во Собранието и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата Заспиј ако можеш што се емитува на телевизија Алфа говорејќи за скандалот во М-НАВ особено за моментот што Владата објави прво едно име за директор, па откако медиумите укажаа дека не одговара за таква позиција и не исполнува услови по час-два предложи сосема нов предлог за директор.

„Нивната несериозност ја гледаме веќе седум години, а полошо не може да биде. Очекувам да е поинаку по изборите, по 8 мај. На народот му е доста и мислам дека по 8 мај се ќе се смени“, рече Стојаноска.

Стојаноска укажа дека очигледно власта предводена од СДС и ДУИ воопшто не свесна дека додека се случуваше скандалот во М-НАВ беа загрозени многу животи.

„Дали се свесни дека беа загрозени животи на многумина додека како што рекоа од ДУИ вработените се кошкале. Додека се случувал овој скандал имало прелети над македонското небо и можело да има смртни последици. Овие од власта како да играат мајтап и ние сме понижени на секое поле. Видете го премиерот, јас не знам дали својата неспособност ја покрива со глупостите, веројатно е така“, укажа Стојаноска.

Според Стојаноска не е чудно ова што се случува, бидејќи Владата во континуитет греши, а никој не одговара.

„Што се случи во Тетово со модуларната, што се случи во МВР, Спасовски издаваше пасоши на крминалци, се случи двојно убиство на Вања и Панче и многу други случаи, но никој не одговара. Министрите воопшто не чувствуваат никаква одговорност, а требаше да има оставки. Секој што погрешил мора да одговара, додека не го постигнеме тој стадиум нема ништо да направиме. Вака со неодговорност за скандали не одиме никаде“, кажа Стојаноска.

Стојаноска укажа дека не функционира ниту една институција, ниту еден сегмент во општеството.

„Денеска е деветти јануари ние не можеме да ги доброиме скандалите на власта. Има повеќе скандали отколку работни денови“, посочи Стојаноска.

И покрај тоа што објектот на М-НАВ е важен објект за безбедноста, рече Стојаноска, тој повторно ништо не направи.

„Претседателот на државата не направи ништо ниту за овој скандал со М-НАВ, ниту воопшто во својот мандат за пет години направи нешто, тој реагира само кога некој од надвор ќе не опомене“, изјави Стојаноска.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2024 06:02