Општина Битола во рамки на проектот „БАИР-Здружена Акција на Битола за вклучување на Роми”, финансиран од Европската делегација и имплементиран од италијанската невладина организација-COSV и фоданцијата ПРЕДА плус, набавија камион за отпад со комунална опрема во вредност од 82.750 евра.
На прес конференција во локалната самоуправа информираа дека набавената опрема е наменета за ефикасно собирање на комунален отпад и одржување на јавниот простор во населба Баир во Битола.
-Еден од главните предизвици, поради структурата на населбата Баир е собирањето на комуналниот отпад, одржувањето на јавните површини, како и хортикултурното уредување. Набавениот камион за собирање на смет со помали размери, кои одговараат на структурата на улиците во населбата Баир, како и помошните алати и делови, денес ќе бидат предадени на Јавното претпријатие Комуналец, кое понатаму ќе ги користи, со единствена цел, ефикасно собирање на отпадот од оваа населба и одржување на јавните површини. Претходно, на денешната активност и претходеше и одлука од Советот на општината, со која опремата е дадена на користење и употреба на ЈП Комуналец за сервисирање на потребите на граѓаните Роми во населба Баир. На овој начин, како локална самоуправа, покажуваме дека секое населено место во градот и околината, во рамките на нашата општина ни е важно, истакна градоначалникот Тони Коњановски.
Во населбата Баир, а во рамки на проектот имплементирани се и други активности, односно реконструкција на улиците „Струшка“ и „Сутјеска“, со вредност од над 5,5 милиони денари.
-За нас, како локална самоуправа е особено важно што наидовме на соработка со локалното население, со кое заеднички полесно и подостапно се реализираше проектот Баир. Очекувам и во иднина да бидат реализирани уште многу проекти за добробит не само на локалното ромско население, туку и за жителите на сите населби кои што живеат во субстандардни услови, посочи Коњановски.
На прес конференцијата во Општина Битола беше најавено дека во наредниот период во населбата Баир ќе бидат поставени 18 клупи на различни локации, 8 контејнери за подобрување на системот за одвојување и собирање на отпад, а ќе се исчистат и новите депонии во таа населба.