Ниту жителите на кумановското Шупли Камен не ги сакаат угинатите свињи во атарот на нивното село. И тие стравуваат од ширење на болеста и меѓу свињите во нивните одгледувалишта и меѓу луѓето. Тие сакаат да се направи и дезинфекција.
-Апсолутно сме против закопување угинати свињи од болести кај нас, не знаеме какви последици ќе имаме, дали по нашата стока, можеби и врз населението и сме против. Не знаеме кој донел одлука рано насајабје да дојде со камион, багер, ископале јама и донеле угинати свињи од Тромеѓа. Може во иднина ќе закопуваат свињи од различни села тука, вели Драги Јовановски, жител на Шупли Камен.
Драган Станковски пак вели дека бил и нападнат, бидејќи прашал зошто се носат камиони со угинати свињи кај нив.
- Ми стана јасно дека се закопуваат угинати свињи. Застанав да им кажам и ме нападнаа, ме попречија со колата, викав полиција, кажа Станковски.
Случајот го потврдија и од АХВ. Оттаму велат дека со асистенција на Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) попладнево постигнат е договор со неколкумина жители од месното население од кумановското село Шупли Камен, кои ја блокираа една од локациите каде се изврши нештетно закопување на угинати свињи од болеста африканска чума.
- АХВ позитивно одговори на нивното барање да се изврши дезинфекција и на патот по кој поминуваат транспортните средства кои ги носат животните низ селото до јамата за закопување, иако, согласно постоечките безбедносни стандарди, возилата се веќе дезинфицирани, пред напуштање на фармата и по истоварот на мршите во јамата. Дезинфицирањето на траекторијата на движење на возилата кои ги носат угинатите животни до јамата за закопување ќе ја спроведе надлежно ветеринарно друштво, велат од АХВ.
Од СВР Куманово велат дека работат на целосно расчистување на случајот. Претходно, жителите на Речица реагираа исто и таму имаше судир со полицијата, четворица беа приведени бидејќи нападнаа полицајци.
Ветеринарите уверуваат дека болеста не е заразна за луѓето и апелираат дека е потребна соработка на сите за да се сузбие. Според законите, општината предлага локации кои пак ги одобрува Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во кумановско, болеста беше регистрирана во одгледувалиште во Тромеѓа. Во ова село и во населбата Карпош е заштитна зона е во радиус од три километри, додека во повеќе села во радиус од десет километри е зона под надзор. Затворен е и добиточниот пазар во село Долно Којнаре.