Реновирана операциона сала на Универзитетска клиника за ортопедски болести денеска е пуштена во употреба. Станува збор за целосно реновирање на првата операциона сала со помошни простории, соба за одмор и соба за премедикации на околу 150 квадратни метри.

Вкупната вредност на инвестицијата е 15 милиони денари обезбедени од Фондот за здравство и од донации.

Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски, присуствуваа на настанот, рече дека на оваа Клиника годишно се изведуваат 1.600 операции, а сега со новата реновирана операциона сала, бројката ќе се зголеми до 2.000 оперативни зафати на годишно ниво.

Меџити нагласи дека оваа сала не била во употреба од 2017 година и со нејзиното реновирање, сериозно се зајакнуваат капацитетите на установата.

- Би сакал да истакнам дека оваа клиника е пример за успешно менаџирање на јавно-здравствена установа. Пред три години комплетно беше реновирана Клиниката, а исто така се изведе и првата трансплантација на коска во државата. Пред еден месец, од Буџетот на Министерството набавивме нов артроскопски столб наменет за пациентите. Редовно се инвестира во нова опрема, импланти и се вложува во здравствените работници, додаде Меџити.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2024 17:09