Туристи од Лерин, Воден, Костур и други градови од Грција се зачестени посетители на Зоолошката градина во Битола, изјави за МИА, Јане Гилевски, директор на таа општинска јавна установа.
Според Гилевски, интересот на посетителите од Грција е зголемен затоа што Зоолошката градина во Битола има богат животински фонд и е атрактивна особено за најмладите посетители.
-Не сме изненадени од зголемениот број на посетители од Грција, но, ние посакуваме зачестените посети да продолжат, особено напролет и в лето за што ќе подготвиме посебна кампања. Нашата Зоолошка градина е со богат и разновиден животински фонд, а од неодамна имаме и нови, штотуку родени две лами, јагниња, јариња, птици и едно мајмунче, истакна Гилевски.
Од ЈОУ Зоолошка градина-Битола потврдија дека се подготвени за зимскиот период и евентуални како што велат поларни ниски температури.
Во Битола често се случува температурата на воздухот да падне под 20 степени целзисусови, и да се задржи подолго време. Затоа ние навреме се подготвивме, за животнискиот фонд обезбедена е храна и резерви од храна, имаме и витаминска храна, а за тревопасните животни има доволно жито. Загревањето на кафезите е во тек, а се грее во кафезот на нилскиот коњ, кај мајмуните, змијата и папагалчињата, посочи Гилевски, кој од неодамна е новоизбран директор на ЈОУ „Зоолошка градина“-Битола.
За привлекување на домашни и странски посетители на битолската Зоолошка градина ќе бидат организирани посебни програмски понуди, како што тоа беше за новогодишните празници кога во Зоолошката градина беше поставена Куќарка на Дедо Мраз, потврдија од таа јавна општинска установа.