Следната недела ќе се објави извештајот од стручната Комисија која ја формираше министерот за здравство Фатмир Меџити за случајот со починатата 26-годишна родилка од Делчево, која почина на 26 декември на КАРИЛ во Скопје, а беше донесена во лоша здравствена состојба од штипската Клиничка болница.

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави дека деновиве го чека извештајот од Комисијата.

- Формираме стручна Комисија, тие се експерти кои имаат програма на работа и мислам дека идната недела ќе биде извештајот и ќе се расчисти овој случај, изјави Меџити одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

Стручната Комисија беше формирана по препорака на инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Оваа Комисија треба да го разгледа начинот на лекување и дали се направени пропусти од страна на лекарите и медицинскиот персонал.

МИА претходно инсформираше за случајот, а инспекторите на ДСЗИ од увидот во медицинската документација констатираа дека на пациентката во 39 недела од бременоста, матичниот лекар на 22 декември и креирал упат за следење на нормална бременост до породување. Четири дена подоцна се јавила на преглед во приемната акушерска амбулантна во Клиничка болница-Штип и е утврдено намалување на плодовата течност. При сместување во Болницата, пациентиката колабирала, по што веднаш и извршен итен царски рез. По породувањето продолжена е интервенција во стомакот, при што е констатирано дека обилното крварање потекнува од крвен сад во близина на слезината по што пациентката паѓа во шокова состојба и повторно хируршки е интервенирано со отстранување на слезената. Конзилумот одлучува родилката да се хоспитализира на КАРИЛ во Скопје, каде и почина.

Новороденчето е во добра здравствена состојба и од пред два дена веќе е дома.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/01/2024 22:20