Додека Оливер Спасовски, на неколку дена пред заминувањето од Министерството за внатрешни работи со цела делегација, на товар и на сметка на граѓаните прави прошетки и екскурзии низ Соединетите Американски Држави, Македонија е на прагот на најголемата криза поврзана со личните документи, со акцент на пасошите. Имено, во крајно нехумани услови, граѓаните со часови чекаат во ред и на студ, а во холовите на Министерството за внатрешни работи, стојат илјадници лични документи кои чекаат да бидат поделени, а уште илјадници чекаат да бидат изработени.

Значи, потполно идентично, како и минатиот, така и овој пат во пресрет на техничката влада и парламентарните изборите кога министерот доаѓа од редовите на опозициската партија, граѓаните се соочени со застој во издавањето лични документи, што пак е директна последица од неодговорното, работење и лошата организација од страна на Оливер Спасовски. Станува збор за сериозно прекршување на законот и несовесно работење за кое Јавното обвинителство мора веднаш да реагира.

Позади километарските редици, каде граѓаните чекаат со часови да се сликаат или подигнат лична карта, возачка дозвола или пасош стои само еден виновник, а тоа е Министерот за внатрешни работи од редовите на Социјалдемократскиот сојуз – Оливер Спасовски. Оливер Спасовски е единствениот виновник за мачењето и нервозите на граѓаните кои стравуваат дека нема да бидат во можност да подигнат плата и пензија или да заминат на медицинска интервенција во странство, студии, конференции, обуки, да ја обавуваат професијата професионален возач, да го обноват престојот во странство и тн. Наместо навремено да направи соодветна внатрешна организација и соодветно да ги алоцира ресурсите за изработка на личните документи, Оливер Спасовски направи привидно решение со отворање на нов пункт – оставајќи ги граѓаните во состојба на студ и на минусни температури со часови да чекаат во ред. Но, парцијалното решение на Спасовски, наместо да го реши проблемот, создаде хаос со цели купови лични документи кои чекаат изработка во депоата на Министерството за внатрешни работи, а за подигнување во нехумани услови се чека со денови. Паралелно со ова, според информациите со кои во моментов располагаме, во Министерството за внатрешни работи веќе се трошат и последните залихи на обрасци за пасоши, неопходни за изработка на документите.

Доколку Оливер Спасовски сакаше да воспостави систем за непречено примање, изработка и издавање на личните документи, тогаш требаше да предвиди дополнителни капацитети и во делот на изработка, односно производство, но и во делот на планирањето на ресурсите и издавање на личните документи. Вака граѓаните се доведени во состојба да платат за новиот личен документ скапо, кој поради лошата интерна организација и застојот во изработката и издавања дури и по повеќе од 30 дена да не можат да го подигнат. Со други зборови, Министерството за внатрешни работи им наплаќа на граѓаните за услуга, за која нема технички капацитет и нема услови да ја испорача во законски предвидениот рок.

Граѓаните паметат, но само за потсетување, Оливер Спасовски креираше иста ваква криза пред четири години, кој тогаш се менаџираше и решаваше во техничката влада. Тогаш од страна на Министерството за внатрешни работи беше спроведена постапка и сите докази кои индицираа сериозен криминал беа доставени од обвинителството за гонење на организиран криминал. Но, непостапување од страна ОЈО, е причина кривично дело да биде сторено повторно сега и граѓаните на Македонија повторно да се доведени до состојба кога не можат да ги остварат своите лични права и да патуваат надвор од земјата.

Напоменувам, дека како и минатиот пат, по стапувањето на сила на техничката влада, ќе бидат спроведени сите внатрешни процедура со соодветно детектирање на виновникот кој на оперативно и политичко ниво дозволил да се случи ваков сериозен пропуст. И во конкретниот случај ќе бидат преземени сите мерки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, а собраните докази ќе бидат доставени до Јавното обвинителство за постапување.

Мора да има одговорност за секој оној кој постапил спротивно на законите. Оливер Спасовски и луѓето околу него, мора да одговараат за негрижата за граѓаните и фактот дека тие се измалтретирани на минусни температури и несоодветни, нехумани услови со часови да чекаат за да го остварат своето право.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/01/2024 22:34