Месната заедница „Борис Кидрич“ со јавен повик бара од Општина Тетово итни мерки со цел да се санираат повеќе улици кои гравитираат околу Стара градинка и двата објекти на ОУ Братство Миѓени. Повеќе улици со години стојат оштетени со огромни дупки, поради кои штети претрпуваат возилата на граѓаните во овој дел од градот.
-Додека се фали градоначалникот дека по цел град се асфалтираат цели улици, овде веќе две години не се ни „закрпуваат“. Дупките стануваат се поголеми, се јавуваат и нови, и главното е што не се санираат. Поради тоа се оштетуваат возила, а и граѓаните може да се повредат ако не внимаваат на дупките. Особено е катастрофална состојбата на улиците „Бане Стефановски“, „Андреја Ристовски“, и Љубо Божиноски-Пиш“ околу Стара градинка. Во непосредна близина е и улицата „Јордан Златаноски“, која општината ја обнови само во почетните неколку стотини метри, додека делот што поминува кај централниот објект на ОУ „Братство-Миѓени“ е во лоша состојба. Исто така дупки има по улицата „Борис Кидрич“ во правец кон објектот на ова училиште кон спортскиот центар, а во лоша состојба е и тротоарот, велат од месната заедница „Борис Кидрич“, се наведува во повикот.
Од Општина Тетово со најава-дека ќе се работи на асфалтирање и на овие улици.
-Сегашната состојба на улиците „Љубо Божиновски-Пиш“, „Бане Стефановски“, дел од „Јордан Златаноски“ и „Андреја Ристовски“, веќе подолго време се оставени во лоша состојба. Општина Тетово ги слушна поплаките на граѓаните и се презедоа чекори за решавање на овој проблем. Тендерот е успешно завршен, а сега се чека потпишувањето на договорот за започнување на проектот за подобрување на патната инфраструктура, одговараат од Општина Тетово.
Потегот од улицата „Бане Стефановски“ до улицата „Љубо Божиновски-Пиш“ ќе има тотална интервенција поради големи штети.
- Одлучено е да има целосно подобрување со комплетно нов асфалт за да се обезбеди безбедна и стабилна улица за граѓаните. Се надеваме дека месецов ќе се започне со работа на терен. Посветени сме на средување на патната инфраструктура и овој конкретен проект ќе биде важен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, велат од Општината.
На 21 јули 2023 година кога градоначалникот ги пушти во употреба реконструираната улица „Мирче Ацев“ и еден крак од улицата „Јордан Златаноски најави дека останатата должина од улицата ќе се реконструира во иднина.