Во чест на еден од најголемите христијански празници, Водици, кога се осветуваат сите води, Општина Крива Паланка организира масовен настан „Водици, Богојавление 2024“, можност - сите во општината заедно да го одбележат и прослават овој голем ден.

- Церемонијата ќе почне со свечена Богојавленска литургија во осум часот, во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, по што верниците ќе се упатат кон мостот и кејот на Крива Река, каде се осветуваат водите. По положување на чесниот крст во водите на реката, во 10 часот и 30 минути следува централната манифестација на градскиот плоштад, каде во празничен дух, граѓаните ќе го прослават празникот со музичка програма од Благоја Алачки и пријателите, заедно со нивната гостинка, Адријана Алачки, а водителка на настанот ќе биде Ирена Спировска. Прославата ќе биде во знак на македонскиот мелос, со изведба на познати македонски народни песни и хитови, ора и популарната „паланечка тројка“, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

На Водици за првпат во општината ќе се одржи и натпревар за најубава „Богојавленска софра“ во организација на Македонската асоцијација на готвачи и шефови на кујни „Гастромак“, претседателката Адријана Алачки во соработка со Општина Крива Паланка.

- Традиционалните специјалитети на оваа софра ќе ги приготват здруженија на пензионери, организации на жени, Центар за дневен престој за активно стареење Крива Паланка, млади гастрономи, индивидуални домаќинки, како и учениците, идните готвачи, од СОУ „Ѓорче Пертов“ - Крива Паланка од угостителско-туристичка струка, со штанд традиционални јадења за Богојавление. Судиите од „Гастромак“ ќе бидат задолжени да ја одберат најубавата, највкусната и најдобро аранжирана „Богојавленска трпеза“, каде ќе царувааат вкусовите, миризбите и боите на нашата богата традиционална гастрономија, додаваат од општината.

По прогласувањето на најдобрите и во категориите - најавтентични македонски садови и најубави македонски ракотворби со кои софрите се декорирани, посетителите ќе можат да вкусат од традиционалните деликатеси.

Општина Крива Паланка го организира настанот со цел да ги собере на едно место сите верници, сограѓани и гости, а ќе има и хуманитарна мисија. На плоштадот во огромен котел ќе се вари грав што ќе може да се купи по симболична цена од 50 денари. Средствата се наменети за матурантите од социјално ранливи категории.

- Ќе се дегустира и најважниот специјалитет за Водици, традиционалната пифтија и ќе се пијат топли напитоци. Очекуваме масовна присутност на кривопаланчани и на бројните гости кои го почитуваат овој празник. На 19 јануари сите патишта водат кон Крива Паланка, сите се добредојдени, велат од општината.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/01/2024 22:51