Директорот на Царинската управа Стефан Богоев и неговиот српски колега Бранко Радујко денеска потпишаа Меморандум за признавање на белешките од мерење на царинските терминали таканаречени кантарски белешки помеѓу двете земји. Од 1 февруари, македонските компании што увезуваат или извезуваат во Србија и обратно, камионите со стока ќе ги мерат само еднаш. Истото ќе се однесува и за стоки кои транзитираат низ двете држави, соопшти Царинската управа.

Говорејќи за значењето на потпишаниот протокол, Богоев истакнал дека заклучно со ноември 2023 година, трговската размена со Србија изнесува 985,9 милиони евра, при што извозот е 365,9 милиони евра или 2,9 проценти повеќе од претходната година. Притоа целиот увоз, извоз и транзит се одвива преку граничниот премин „Табановце“, каде минатата година на влез биле евидентирани речиси 140 илјади товарни моторни возила, а на излез 170 илјади камиони.

- Сите овие товарни возила на влез и на излез се мереле двапати, еднаш во Македонија и еднаш во Србија, а со потпишување на денешниот Протокол за признавање на таканаречените кантарските белешки, овие товарни возила, како што кажав, ќе се вагаат само еднаш, што за компаниите ќе значи заштеда на време и пари. Ветив дека Царинската управа ќе делува како партнер на бизнис заедницата, сѐ со цел создавање услови за зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Чекор по чекор, со ваквите мерки овозможуваме остварување на тие цели, се наведува во писмената изјава на Богоев



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2024 23:51