Домашни средни и големи компании имаат можност да ги засилат своите извозни капацитети, да станат поконкурентни, но и значително да ги подобрат перформансите за да бидат ангажирани како добавувачи од странските инвеститори во зоните. За тоа ќе добијат помош во вид на советодавни услуги од реномирани експерти, како и од меѓународни и локални консултанти, доколку аплицираат на повикот што го објави Дирекцијата на ТИРЗ (ДТИРЗ).

Како што беше речено на денешната промоција, планираната техничка помош треба да ја подобри и подготвеноста на фирмите да инвестираат во земјава.По успешното завршување на техничката помош, компаниите ќе имаат можност да побараат финансиска поддршка за спроведување на инвестициските планови во рамки на програмите на Дирекцијата и Владата.

Повикот беше објавен на 29 декември 2023 година, ќе трае до 15 февруари 2024-та, до 14.00 часот и е проектиран за десет компании. Доколку биде успешен, со следните повици ќе бидат опфатени поголем број фирми.

Според директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, засега соработката на домашните компании со странските е незадоволителна. Тој очекува најмалку десет компании од актуелниот повик за две до три години да станат и дел од семејството на ТИРЗ.

-Со денешниот настан одбележуваме почеток на целосно нова програма, односно целосно ново поглавје во функционирањето не само на Дирекцијата за ТИРЗ, туку и генерално на Владата. Фокусот на ова што го објавуваме денеска се токму домашните компании. Повеќе од 20 години се зборува за тоа како домашните компании да ги интегрираме во системите за снабдување, за соработка со големите странски компании не само во земјава, туку и генерално, во регионот и глобално. И ова е прв чекор во тој правец практично. Тоа значи дека ако досега сме зборувале во идно време, сега веќе зборуваме во сегашно време за работи што се случуваат. Пред Нова година во соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) објавивме јавен повик со кој сите домашни компании, со доминантно македонска сопственост, средни и големи, имаат можност да обезбедат техничка помош за подготовка на инвестициски планови кои ќе им овозможат да отидат на следното технолошко ниво на развој, што ќе им помогне да станат поконкурентни. Конкурентноста подразбира да бидат повеќе извозно ориентирани, поконкурентни на странските пазари и она што е за нас од приоритетна важност, да можеме многу поактивно и многу поуспешно да ги вклучуваме во процесите на соработка со странските компании присутни во државата, во зоните, но и со глобалните компании што функционираат во регионот, истакна Деспотовски.

Ова, напомена, е само прв чекор.

-Техничката помош подразбира дека компаниите ќе добијат можност да користат консултанти, да подготват инвестициски планови и потоа да ги искористат сите можности што ги нуди Владата за кофинансирање – Законот за финансиска поддршка, законите што го регулираат работењето на Дирекцијата, значи финансиската поддршка следи по завршувањето на овој циклус. Очекувам во оваа фаза да поминат минимум 10 компании кои би поминале низ подготовка на инвестициски планови и дел од нив во скора иднина, следните 2-3 години, да станат и дел од семејството на ТИРЗ. Проектот се реализира во соработка со ИФЦ, дел од семејството на Светската банка, и е финансиран од Владата на Швајцарија. Ние учествуваме со мал дел од средствата, подвлече Деспотовски.

Тој не е задоволен од соработката што ја остваруваат домашните компании со странските.

-Не сум задоволен. Токму и заради тоа го правиме ова. Мислам дека никој не е задоволен, бидејќи, повторно кажувам, 20 години се зборува како домашните компании да земат поголем дел од колачот на она што се реализира во странските компании во државата. Јас само ќе потсетам дека компаниите во ТИРЗ реализираат повеќе од половина од националниот износ, а учеството на домашните компании во тоа е незначително. Така што, ова е прв чекор во тоа како да овозможиме домашните компании да земат поголем дел од тој колач. Најслабата алка во системот е технолошката подготвеност на компаниите, недостигот на процедури за утврдување квалитет и секако, недостигот на квалификувана, обучена работна сила. Сите се тие елементи што сега ќе помогнеме да се надминат. Во првата фаза, со овој повик што го објавивме пред Нова година, 10 компании ќе добијат техничка поддршка. Ако повикот се покаже како успешен, во следните повици ќе опфатиме поголем број на компании, истакна Деспотовски и додаде дека ограничување нема.

На новинарско прашање која е следната странска инвестиција што ќе влезе во земјава, тој одговори дека се подготвуваат неколку и ќе бидат најавени кога ќе биде можно.

На јавниот повик може да конкурираат само регистрирани трговски друштва, апликанти чии годишни приходи не се под два милиона евра и кои имаат не помалку од 50 вработени, субјекти кои немале загуби во последните две календарски години, а постојат најмалку три години, апликанти кои се со минимум 50,1 отсто македонска сопственост и кои не се во државна/јавна сопственост, како и против кои не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација. Услов е и оние што аплицираат да имаат подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси и против нив да не се почнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања.

Според Јуџин Осмонеску, програмски менаџер во ИФЦ, ваква поддршка се обезбедува и во останатите земји од регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2024 02:47