Тим од ДЗС – Битола вчера во 12:40 часот безбедно отстранил неексплодирана артилериска граната, калибар 75 mm, од Првата Светска Војна, лоцирана во атарот на село Добромири, информираат од Регионалниот ЦУК Битола.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) посочуваат дека во овој период се пронајдени такви неексплодирани експлозивни средства во повеќе случаи и затоа препорачуваат да се внимава при зимските прошетки, како и при градежни работи, копање темели и слично во реон на Македонскиот фронт, што е именуван и како Солунски - генерално во појасна линија на Битолско и Дојранско до јужната државна граница.
-Ако се пронајде неексплодирано експлозивно средство од минатите војни, не треба се помрднува од местото на наоѓање, се оддалечува од него на безбедно место и треба веднаш да се пријави на 112 во ЦУК за неговата локација, по што координирано со надлежните институции од Системот за управување со кризи безбедно ќе се отстрани или уништи, информираат од ЦУК.