Министерот за здравство Фатмир Меџити при посета на гостиварската општа болница „Ферид Мурад“ ги промовираше двата нови медицински апарати чија вредност е над 18 милиони денари. Со новата опрема, болницата го зголеми бројот здравствени услуги за кои претходно беа упатувани на скопските клиники.
Министерот Меџити посочи дека со новиот лапароскопски апарат во областа на урологија ќе се извршуваат лапароскопски интервенции во болницата и ќе нема потреба пациентите да се упатуваат во Скопје за овој тип интервенции.
- Лапароскопската и ендоскопската опрема е набавена од Министерството за здравство во вредност од 10.5 милиони денари. Со ова вложување значително се унапредува специјалноста урологија во оваа болница, а воедно се проширува опсегот на здравствени услуги кои се обезбедуваат во установата, рече министерот Меџити.
Тој потсети дека покрај новиот апарат, неодамна за гостиварската болница е набавен подвижен рендген апарат со C arm (це арм) со дигитален детектор, чија вредност е 7.7 милиони денари. Тоа според Меџити е показател за континуираното унапредување на условите за третман на пациентите во установата.
Директорот на гостиварската болница Илбер Адеми, потврди дека новата опрема веќе е ставена во функција и значително помага во како што рече неинвазивните операциски зафати.
- Под водство на проф. д-р Скендер Саиди изминатиов период се спроведе и едукација и се направени повеќе интервенции за трансуретрална ресекција на простата и мочен меур. Но, исто така важно е што со новиот ласерски апарат од типот „холмиум“‘ почнавме и со литотрипција (кршење на камен) во уретрата, такви имавме 12 кои се успешно спроведени, рече директорот Адеми.
Тој потсети дека минатата година во болницата биле вложени над 400 илјади евра во опрема и реновирање на објектот.
При посетата на болницата, министерот Меџити се задржа на разговор со болничката управа и се запозна со текот на работите за реновирање на одделот за неврологија, кои според планираното треба да завршат до март и потребите околу вработување на нов медицински кадар.