„Нашите информации говорат дека она што УЈП го даде како известување дека се однесува на нафтените компании е само една капка во морето. Односно дека злоупотреби има многу повеќе. Искрено очекувавме дека ќе има некои известувања по однос и на другите за кои што веќе во УЈП има и записници од контроли, меѓутоа до овој момент нема никаква информација, а станува збор за износи и злоупотреби кои што се повеќе од 20 милиони евра. А, тоа се сериозни износи“, истакна потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска во утринската емисија на радио „Лидер“.

Димитриеска Кочоска потсети дека ВМРО-ДПМНЕ имаше информации во 2020-та година дека има злоупотреби особено со повратот на ДДВ. Но, еве злоупотребите продолжуваат и денес. И поради тоа се поставува прашањето колку вакви случаи има за кои што можеби нема информации, а се случуваат во УЈП.

„Некако ова со повратот на ДДВ се повеќе загрижува и дури искрено си го поставувам прашањето како воопшто не се внимава кога се одобруваат тие поврати на ДДВ. И како на некој начин да кажам не можат да ги воочат работите“, запраша таа.

„На пример да кажеме еве конкретно за некои од компаниите за кои што имаме информации првин се повторуваат работите, се нешто се случува таму во југоисточна Македонија. Ги отвораат компаниите, цело време некакви евиденции книжат со поврат на ДДВ, после извесен период година – година ипол црпат пари од Буџетот и ги продаваат фирмите најчесто на луѓе кои што не се државјани на Република Македонија. Во минатото тоа беа луѓе од Бугарија и Турција, а сега се луѓе од Косово. И така во суштина нели кога ќе дојде странски државјанин веќе институциите наши како да немаат комуникација со него и оној дел кој што треба на некој начин тој државјанин да го плати како данок во државата бидејќи овие претходно го земале, останува неплатен“, појасни Димитриеска Кочоска.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2024 22:53