Почнува реализацијата на четирите нови системи за наводнување, Страиште, Лисиче, Конско и Пепелиште, со кои ќе бидат опфатени 13 000 хектари земјоделско земјиште. Инвестицијата вредна над 100 милиони евра, ќе се спроведува преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Седумдесет отсто од средствата се од германската КФВ банка, 80 милиони евра заем и 2,8 милиони евра грант за поддршка на земјоделците и земјоделските задруги во областите опфатени со хидросистемите, додека останатите 30 проценти се од државниот буџет.

Како што истакнаа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски пред денешното потпишување на Договорот со меѓународната консултантска компанија „Consulting engineers Salzgitter“ (ЦЕС), четирите нови системи се дел од Програмата за наводнување на Северна Македонија и се протегаат по сливот на реката Вардар. Хидросистемот Лисиче ги опфаќа земјоделците од Велес и Чашка и обезбедува наводнување за 3 650 хекатри, системот Пепелиште опфаќа 3 000 хектари во Неготино и Демир Капија, Страиште 1 500 хекатри во Валандово и најголемиот, Конско, опфаќа 5 500 хектари на подрачјето на општините Гевгелија, Богданци и Дојран.

-Реализацијата на оваа Програма е во линија на нашите заложби за создавање модерно земјоделство, по европски терк, со што ги решаваме децениските проблеми на нашите земјоделци. Активностите предвидуваат изградба, рехабилитација и проширување на четири системи за наводнување и изградба на мали хидроцентрали на Лисиче и Конско. Овие системи ќе го зголемат хидропотенцијалот и обемот на земјоделското производство, но ќе ги намалат и економнските загуби, рече Ковачевски.

Како што напомена Николовски, наводнувањето е еден од основните столбови на владините политки.

-Ова е досега историски најголема Програма или најголема капитална инвестиција во водоснабдувањето во износ кој ќе надмине 100 милиони евра. Четирите системи се дел од Програмата за наводнување на Северна Македонија и се протегаат по сливот на реката Вардар, Постојано работиме на моденизација на системите за наводнување, градејќи нови и реконструираји ги постоечките, рече Николовски.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер укажа на важноста од борбата со климатските промени.

Договорот потпишан со консултантската компанија „тежи“ 9,1 милиони евра и предвидува изготвување главни проекти за иградба на четирите системи, подготовка на документација, распишување постапка за изградба, надзор и имплементација. Физибилити студиите се веќе изговени, а направена е и проценка на еколошкото влијание на системите.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2024 21:22