Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска соопшти дека Општината повеќе нема заостанати долгови односно дека е одблокирана општинската сметка.
Пецаков на прес-конференцијата истакна дека Охрид прв пат после долги години има нула денари долг по основ на судски извршни решенија и од денеска оваа општина се вбројува помеѓу малкуте институции во државава која нема заостанат долг.
- При преземањето на раководењето Општината ја затекнавме со вкупен долг од околу 14 милиони евра. Оваа бројка не го вклучува долгот кои општинските јавни претпријатија го имаат. Веднаш пристапивме кон финансиска консолидација и изготвување на план за раздолжување. Среќен сум што заедно со мојот тим останавме доследни на планот и денес ги гледаме резултатите од тоа, рече Пецаков.
Тој посочи уште дека за официјализирање на одблокирањето на општинската сметка се чекало на одлуката на Владата за бришење на долгот од некогашното меѓуопштинско претпријатие МЈП „Проаква“, како основачки влог на државата во Државното јавно претпријатие „Колектор“.
- Чесно е тука да се поздрават и споменат напорите кои биле вложувани во минатите десетина години на локалните раководства за раздолжување на општината и осумте милиони евра кои Владата на Република Македонија ги додели на Општина Охрид со единствена намена за раздолжување градот чиј долг во еден период изнесувал околу 33 милиони евра, истакна Пецаков.
Според она што го посочи тој, актуелното раководство на Општина Охрид во изминатите повеќе од две години има самостојно без помош вратено 30 проценти од вкупниот долг на Општината, притоа не заостанувајќи со реализацијата на инфраструктурните проекти, инвестиции во повеќе сфери и директната поддршка на граѓани и здруженија.
Според она што беше истакнато на прес-конференцијата, моментално Општината има долгови од околу 60 милиони денари кон коминтенти и други субјекти, но оти се работи за средства што се искористени за тековни зафати.