Општина Охрид ја има сработено сета документација за изградба на катна гаража, за истата е изготвена соодветна физибилити студија, извршена е експропријација на земјиштето и има одлука за трајно користење на земјиштето, но се уште се чека на конзерваторско мислење од страна на надлежната институција, конкретно Управата за заштита на културното наследство што е под ингеренција на Министерството за култура.

Ова денеска го посочи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, осврнувајќи се на неодамнешната изјава на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која во изјава за медиум рече дека изградбата на катна гаража во Охрид не е инвестиција од јавен интерес.

- Да се каже дека изградбата на катна гаража не е од јавен интерес, во град во кој суштинска потреба е решавање на проблемот со паркинг-просторот е дегутантно, рече Пецаков на денешната прес-конференција одговорајќи на новинарско прашање.

Пецаков во ноември 2022 година изјави дека е предвидено Општина Охрид да изгради катна гаража на простор кај Градскиот пазар, на површина од 1.215 метри квадратни со капацитет за гаражирање на повеќе од 150 возила.

Тогаш тој најави дека очекува во текот на наредната, сега веќе минатата 2023 година за тоа да биде добиено соодветно одобрение за градба.

- Охрид проблемот го има 30 години и за тоа постојано се зборува. И покрај постапување по секоја забелешка како што тие побарале од нас, зборувам за стручниот тим на Министерството за култура, ние сепак не можеме да добиеме одобрение за катна гаража односно конзераторско позитивно мислење, рече Пецаков.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2024 22:45