Македонското друштво „Илинден“ – Тирана го оценува како историски ден за Македонците во Република Албанија, денешното свечено отворање на воннаставни модули на македонски јазик, литература и култура во Универзитетот во Тирана.
Потсетува дека иницијативата реактивирање на лекторатот по македонски јазик во Тирана беше отпочната во декември 2022 година, кога беше остварен работен состанок со тогашната директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на „Илинден“, Никола Ѓурѓај.
-По заложбите на МСМЈЛК при УКИМ и остварените дипломатски залагања, остварувањето на иницијативата се засили на средбата во мај минатата година во Тирана кога беше потврдена взаемна подготвеност, не само за повторно отпочнување настава по македонски јазик, во академската 2023/2024 година туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката. Тоа отвора можности за брз развој на лекторатот и постепено создавање услови на Факултетот за странски јазици во Тирана да има и посебен студиум по македонистика, стои во соопштението на друштвото.
Претходно, МСМЈЛК при УКИМ, на Факултетот за странски јазици во Тирана му подари повеќе изданија – учебници и зборници со предавања и научни трудови за македонскиот јазик, литература и култура, со кои веќе почна да се оформува македонистички дел во фондот на факултетската библиотека, достапен за сите студенти и професори на Факултетот.
-Голема благодарност до Унверзитотот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и целокупната поддршката од поранешната директорката, професорката Весна Мојсова – Чепишевска. Во исто време голема благодарност до Универзитетот во Тирана и до Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и деканката на Факултетот за странски јазици проф. д-р Есмералда Кромида, наведува друштвото.
Од друштвото посочуваат дека лекторатот по македонски јазик ќе биде клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина