Во тетовската црква Пресвета Богородица се одбележа празникот Водокрст, ден пред Богојавление Водици. Се одржа утрена богослужба со Василева литургија и голем Богојавленски водосвет, по што се изврши и спуштање на осветениот крст во црковниот базен.

По крстот скокнаа тројца верници, 46 годишниот Сашо Стојков, 45 годишниот Горан Анѓелковски и 26 годишниот Нинослав Дамјановски. Најуспешен и најсреќен беше највозрасниот Сашо кој успеа да го фати осветениот крст.

-Во моите 46 години прв пат скокам по спуштањето на осветениот крст. На сите граѓани на оваа држава им посакувам здравје, среќа и благосостојба да им царува во нивните домови, изјави Сашо Стојков.

Од црковниот одбор потсетуваат традицијата за Голем водосвет и спуштање на осветен крст во црковен базен ден пред Водоци на Водокрст е започната во 1986 година. Изграден бил нов базен со донација на Мишко Васовси, иселеник од населбата Горно маало каде што се наоѓа црквата во Тетово.

Благослов за тоа дал покојниот владика Кирил, кој порачал дека Големо осветување или Голем водосвет може да се прави и на Водокрст. Досега не се одржало само во 2001 и 2020 година

Единствено во Тетово чинот на спуштање на крстот се извршува и на празникот Водокрст, односно еден ден пред Водици. Утре на Водици централното одбележување е во соборната црква Свети Кирил и Методиј каде осветениот крст ќе се спушти во црковниот базен по празничната литургија околу 9 часот и 30 минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2024 00:04