Наум Поцев од Крива Паланка е среќникот што годинава го извлече крстот од осветените води на Крива Река.
Чествувањето на денешниот голем христијански празник Водици-Богојавление почна со свечена Богојавленска литургија. Верниците од осум часот утрово присуствуваа на светата литургија во соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, по што се упатија кон мостот и кејот на Крива Река, каде свештенослужителите од Кумановско-Осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво ги осветија водите на реката.
По овој чин чесниот крст беше положен во водите, а најсреќен меѓу пријавените што успеа да го извлече богојавленскиот крст беше Наум Поцев за што доби подарок телевизор од Општина Крива Паланка, како и вредносен ваучер во вредност од 12.000 денари од „Зегин“.
По завршување на овој чин, на градскиот плоштад во Крива Паланка се одржа манифестацијата „Богојавление, Водици 2024“ со „Богојавленска софра“ од натпреварувачки карактер, богата трпеза за дегустација од страна на присутните и музичка програма.
Настанот го организираше Општина Крива Паланка со институциите од областа на културата - НУ Центар за култура и ЛУ Градски музеј Крива Паланка, а „Богојавленска софра" е во партнерство со „Гастромак".