Битолчанецот Александар Најдоски го фати осветениот крст во Радика, што беше положен од епископот Антаниски, г. Партениј, по повод денешниот голем христијански празник Богојавление - Водици.
Најдоски, кој е дел од оваа традиција петнаесеттина години, по вторпат го фаќа крстот.
- Бог се јави. Навистина се јави. Пресреќен сум. Посакувам многу здравје, среќа и радост на сите и благосостојба во државава, посака тој.
Годинава над 200 лица учествуваа во извлекувањето на крстот од водите на реката Радика, кои најпрвин присуствуваа на Божествената литургија во храмот посветен на Пресвета Богородица во селото Ростуше, со која чиноначалствуваше владиката Партениј.
На литургијата присуствуваа голем број верници кои заедно со монасите и монахињите, во голема литија се спуштија до Радика, каде што се случи големото осветување на водите и полагањето на светиот крст.
-За многу години. Нека бог ја излее својата благодат за да има на земјата многу мир, многу љубов и меѓу луѓето добра волја, порача владиката Партениј.
По традиција и овој пат на положувањето на светиот крст во водите на Радика присуствуваа претставници на локалната власт на општина Маврово и Ростуше, предводени од градоначалникот Медат Куртовски, кој на Најдоски му подари телевизор.
Најдоски доби и компјутер од Хари Локвенец, кој 26 години ја поддржуваа оваа традиција.
На манифестацијата присуствуваа и министерката за одбрана Славјанка Петровска и претседателката на Либерално-демократска партија Моника Зајкова.