Дваесет и четиригодишниот Влатко Орданоски од Прилеп го фати светиот крст положен во осветените води на базенот при прилепскиот хотел „Салида“.
Орданоски живее во Германија но, како што изјави, редовно доаѓа во родниот крај за празниците.
-Третпат учествувам во овој свет чин, а првпат имам среќа да го фатам светиот крст. Моментално живеам во Германија, а редовно си доаѓам дома за празниците, за Бадник, Божиќ, Водици и Велигден. Можеби ова е знак да се вратам назад. Всушност, и планирам во следните седум-осум години да се вратам во Македонија. Сакам да се вратам. Им порачувам на сите да учествуваат во овие убави свети чинови, за здравје е и на сите им посакувам среќа и радост во семејствата, изјави Орданоски.
На денешното централно одбележување во Прилеп учествуваа 124 верници, од кои 14 девојчиња.
Орданоски доби пригодни подароци од локалната самоуправа и од прилепски фирми.
водициСветиот чин за Богојавление – Водици се одржа уште во 15 храмови во прилепско во кои учествуваа над 150 верници. Рано изутрината, чинот на влегување во осветените води го изведоа 100-тина прилепчани на езерцето кај превојот Плетвар. Тоа е традиција што се одржа по четврти пат.
А на водосветот што се одржа во кругот на прилепската црква „Свето Благовештение“ учествуваа 18 дечиња, а најсреќен, што го фати светиот крст беше 12-годишниот Димитар Мицески од Прилеп, ученик во основното училиште „Гоце Делчев“.