Празникот Водици беше најсреќен за 21-годишниот Давид Мелоски од Црниче кој денеска, меѓу педесетина други лица, успеа да го фати крстот од осветените води на базенот „Расадник“, информираат од Општина Кисела Вода.

- Многу сум среќен и очекувам здравје, среќа и бериќет оваа година, не само за мене, туку за сите, изјавил Мелоски.

Тој првпат решил да учествува на манифестацијата за положување на светиот крст.

Од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, Мелоски добил парична награда, а награди биле обезбедени и од општествено одговорни компании.

- Му благодарам и за големиот гест на овој исто така голем ден, наградите да ги донира на оние кои имаат вистинска потреба. Масовноста и сплотеноста на мојот народ, што денеска ја гледаме, е само потврда за исправноста на одлуката што ја донесовме, да ја обновиме традицијата во Кисела Вода за положување на крстот во осветена вода, изјавил Ѓорѓиевски меѓу другото.

Ова е трето положување на Богојавленскиот крст откако Општина Кисела Вода, ја обнови традицијата по иницијатива на Ѓорѓиевски, се додава во соопштението



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2024 22:39