Прилепчанката Аца Божиноска со својот сопруг е згрижувач веќе 21 година. Љубовта и грижата за децата со насмевка и посветеност досега им ја дарила на осум деца кои останале без родителска грижа. Вели сите ги пораснав. Моментално се грижи за две машки деца, иако досега претежно биле девојчиња. За момчињата се грижи од нивни три и пол години. Сега имаат 13 и 15 години.

- Посебна е обврската да бидете згрижувач. Од една страна, да им се помогне на децата. Со помошта на децата си помагаме и самите себеси. На децата најпотребно е да им се пружи љубов, топол дом, срцето да им го отвориш, да почувствуваат мајчинска љубов. Со многу љубов сѐ може да се постигне. Треба љубов, трпение, еве и на училиште одат, треба и да се работи. Со голем труд и со љубов, сѐ се постигнува. Од различна возраст згрижувам деца. Сега се грижам за две момчиња. Земени се од „Мајчин дом“ од Битола на возраст од 3,5 години. Сега имаат 13, односно 15 години. Петнаесетгодишното момче оди во деветто одделение во посебните паралелки во прилепското училиште „Климент Охридски“. Досега сите деца што сме ги згрижувале ги зеле родителите. Моите родени деца, кои сега се во странство, постојано помагаат и на децата им праќаат подароци и сѐ што е потребно за нивната грижа, раскажува прилепчанката Аца.

Божиноска секому кој е со големо срце и можности му препорачува да згрижи деца.

- Институцијата и семејството, не се исто. Ништо не може да го замени топлиот дом, вели Божиноска.

Со многу љубов сѐ може да се постигне.

-Треба љубов, трпение, еве и на училиште оди, треба и да се работи. Огромна е радоста да се постигне успех со децата. Голем е напредокот со деца со попреченост и голема е обврската да го доведеш детето до сегашната состојба да може да си го отвори патот во животот, објаснува Аца Божиноска.

И прилепчанката Весна Димоска со својот сопруг има долг стаж на згрижувач. Повеќе од 22 години.

- Имав три деца згрижено и имаат голем напредок. Со години кај мене се две деца. Од 8 годишна возраст се со мене. Сега едното има 22, а другото 30 години. Во почетокот беше тешко. Сега се многу напредни. Ме сакаат како своја мајка. Чувството да се помогне е многу убаво. Има голем напредок, особено што децата не зборуваа, ама љубовта и поврзаноста се големи. Се разбираме и со еден- два збора. Неопислива е радоста на нивните лица кога ќе ме пречекаат да се враќам дома. На пример, од пазар, тие ми помагаат и сѐ што треба сами расчистуваат во домот. Но, годините поминале. Сега имам 65 години. Сопругот ми вели: Додека можеме ќе ги гледаме, ќе помагаме. Ова е тешка, ама многу благородна работа и затоа порачувам да згрижуваат деца сите што можат и да понудат љубов, посветеност и разбирање, со многу чувства говори Весна Димоска.

Повеќе од 45 години во Прилеп функционира згрижувањето деца и лица без родителска грижа. Во моментов се евидентирани 21 згрижувачко семејство со згрижени 27 лица, малолетни деца и возрасни лица. Сместени се лица од целата територија на земјава. Прилеп е трет град во Македонија по бројот на згрижувачки семејства, по Скопје и Македонски Брод.

Меѓутоа, евидентно е намалувањето на згрижувачките семејства. Од прилепскиот Центар за социјални работи наведуваат повеќе причини.

- Евидентни се податоците дека бројот на згрижувачки семејства полека опаѓа. Можеби причината е возраста на згрижувачките семејства, нивната здравствена состојба, како и нивните семејни врски. Од друга страна, пак, предвид се земаат возраста, здравствената состојба на децата за сместување и нивните специфични потреби. Во далечната 1978 година, бројката на згрижувачки семејства била на врвот, преку 30 семејства кои згрижувале деца, објаснува Смилка Илиеска, социјален работник во прилепскиот Центар за социјални работи

Од Центарот се согласуваат дека е потребно да се спроведуваат кампањи и трибини за мотивирање на населението да се вклучат за да пружат потребна нега и грижа за деца и лица кои останале без неа. Потребни се млади семејства за згрижување и на доенчиња.

-Во овој момент имаме потреба од вклучување млади згрижувачи кои би имале интерес и можност да згрижат и деца од најмала возраст, на пример доенчиња кои од оправдани причини останале без родителска грижа, како и семејства кои би згрижиле деца со специфични потреби. Неопходни се кампањи и трибини да се мотивира населението. Згрижувачкото семејство нуди алтернативна форма, најблиска до семејната средина која може да пружи топол дом и љубов на децата, објаснува социјалниот работник Илиеска.

Надоместот што го добиваат згрижувачите е различен во зависност од здравствената состојба на детето, возраста, вклученоста во образованието и бројот на згрижени деца во семејство. Оваа година се очекува надоместот да се усогласи со трошоците за живот.

Инаку, во овој момент, во Македонија има регистрирано околу 300 згрижувачки семејства. Со процесот на деинституционализација, се формирани одделни станбени единици кои функционираат како згрижувачки семејства и тоа дава бројка на зголемување на згрижувачки семејства во земјава. Останува потребата за кампањи и трибини за зголемување на интересот кај населението за згрижување деца и лица кои останале без родителска грижа.

Елизабета Митреска



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2024 23:15