Студенти на Медицинскиот факултет денеска доделија оксиметри и аспиратори за Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести. -
Изминатиот период, студентите од Медицинскиот факултет при Македонската медицинска студентска асоцијација, четиринаесетти пат го организираа хуманитарниот проектот „СОС - Дедо Мраз“ во Скопје.
- Благодарение на хуманоста на граѓаните, собрани беа артикли од маркетите „Веро“, се направија новогодишни пакетчиња и се подарија на децата на коишто им беа најпотребни, домовите без родители во Скопје, болните дечиња и едукативните центри со деца од ранлива категорија. Дел од средствата што ни останаа, ги пренаменивме за пулс оксиметри и аспиратори за Детската клиника, појасни Никола Трајановски, студент на Медицинскиот факултет во Скопје, организатор на хуманитарниот настан.
Благодарност и задоволство од донацијата, изразија директорката на Детската клиника, Валентина Цвејоска - Чолаковска, професор доктор Соња Бојаџиева и професор доктор Константина Кузевска - Манева.
- Одделот кардиологија згрижува многу дечиња со многу сериозни проблеми и посебно аспираторот ќе биде од голема корист и помош, особено во овие месеци кога има голем број на сериозни респираторни инфекции. Исто така, пулс оксиметарот, што претставува составен дел во испитувањето кај нашите деца, рече Кузевска - Манева, од одделот за кардиологија со ревматологија.
Директорката Цвејоска - Чолаковска, запрашана околу грипот и состојби слични на грипот, рече дека последните недели и денови немало отстапки во бројките од минатите години, но дека оваа недела очекуваат да се зголемуваат, бидејќи почнува второто полугодие во училиштата. Нагласи дека се следи состојбата.
Состојбата на четиригодишното девојче од Струмица кое со повреди е хоспитализрано на Детската клиника, како што рече, е стабилна. Се очекува секојдневно да биде подобро бидејќи тие први критични саати и денови се надминати, посочи Цвејоска-Чолаковска.