Во тетовско Теарце, Одборот на бранители денеска организираше одбележување на 23 години од загинувањето на полицаецот Момир Стојановски (29) при напад со ракетен фрлач врз полициската станица на 22 јануари 2001 што се смета за почеток на оружениот конфликт во текот на годината. При нападот тешко ранет беше полицаецот Давор Евросимовски, а со полесно повреди се здобија Борче Ѓуровски и Јахи Лика.

Цвеќе положија претседателот на Одборот на бранители со делегација и помошникот на командир на полициско одделение Теарце Славчо Божиновски со делегација.

-Тие што го познаа Момир секогаш со гордост се сеќаваат на него како човек кого го краселе сите доблести на човека. Одличен професионалец и лојален кон својата татковина. Ако се вратиме во историјата ќе се сетиме дека секогаш за татковината гинеле најдобрите и најхрабрите синови, а таков беше и Момир Стојановски. Вечно ќе бидеме нивни должници што сè уште постоиме и цврсто опстојуваме на ова тло и најмалку што можеме да направиме за нив е да не дозволиме никогаш да не дозволиме да заминат во заборав. Тоа е наша одговорност, да го живее споменот на нашите јунаци, поради самите нас, нашите деца и внуци кои треба да учат за вредноста на државата и слободата во неа како придобивка, истакна Марин Најдов претседателот од Одборот на бранителите.

За нападот на полициската станица во 2001 година одговорноста ја презеде т.н. Ослободителна народна армија (ОНА) по што започнаа повеќе оружени напади врз државните безбедносни сили.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2024 22:44