Во Тетово викендов наврна највисоката снежна покривка зимава, што заедно со мразот и таму каде што останаа неисчистени тротоари и улици резултираше со триесетина повредени граѓани, кои движејќи се пеш се лизнале и паднале. Во саботата речиси целиот ден врнеше снег, па се создаде покривка од десетина сантиметри. Во ноќните часови и температурите паднаа под нулата, додека во неделата немаше нови врнежи.
- Има зголемување на бројот на повредени од вообичаеното, поради зимските услови, но воедно и не е некоја голем бројка. Во неделата за 24 часа бележиме 22 скршеници, додека денес од 8 до 12 часот имаме евидентирано седум луѓе кои се стекнале со фрактури на екстремитетите. Пред се луѓетото се повредени на подлактица кај рацете или потколеница кај нозете. Повредени има кај сите возрасни категории од деца па се до највозрасните граѓани, информира д-р Ертан Рустеми ортопед и шеф на Одделението за ортопедија при Клиничка болница Тетово.
Во неделата вработени на Јавното комунално претпријатие во текот на целиот ден ги чистеле тротоарите.
-Исчистени се пешачките премини и тротоарите долж булеварот „Илирија“, а оваа активност ќе продолжи и во другите улици и булевари за да се овозможи слободно и непречено движење. После снежните врнежи што ја зафатија целата територија на нашата општина, нашите екипи од утринските часови се на терен за да ги чистат главните и споредни патишта, патиштата низ селата на Шар Планина, како и улицата кон викенд населбата на Попова Шапка, информираа од Општина Тетово.