Националната установа Завод и Музеј-Битола врши чистење и превентивна конзервација на споменикот на Партизански гробишта во овој град.

Мермерните плочи се извадени, а по завршување на активностите, повторно ќе бидат поставени на споменикот, информира Мери Стојанова, директорка на НУ Завод и Музеј-Битола.

-Наша стручна екипа внимателно ги извади мермерните плочи на кои се впишани имињата на загинатите борци од Битола и битолско, учесници во Народноослободителната борба-НОБ. Оваа активност е во рамки на проектот за одржување на спомениците од НОБ што се наоѓаат на територијата во надлежност на НУ Завод и Музеј-Битола. Со чистењето и конзервацијата на споменикот ќе се овозможи достоинствен лик на споменикот врз кого повторно ќе бидат поставени мермерните плочи, а тоа ќе биде со подобрување на временските услови, истакна Стојанова.

Партизанските гробишта во Битола се формирани во 1956 година од страна на Сојузот на борци-Битола и се составен дел на Буковските гробишта кои се наоѓаат во непосредна близина на црквата Свети Петар и Павле. На гробиштата се посмртните останки на загинати борци во НОБ, а на мермерните плочи се запишани сите учесници во НОБ кои како што е напишано на споменикот – со хероизам ја победија смртта.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2024 14:32