Оваа година е многу важна за нас зашто, од осамостојувањето на државата до денес, прв пат ќе бидеме целосно независни од источниот дел во однос на снабдувањето со енергенси, посебно во делот на природен гас, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Во дискусијата на панелот „Инвестиции во енергетска транзиција и инфраструктура за здрава животна средина и европска иднина“ што се одржува во рамки на конференција „Година на европски можности“, Бектеши информира дека е во завршна фаза и ставањето во функција на продуктоводот кој е изграден повеќе од една деценија, но кој досега не проработи. Првичната цел на продуктоводот,потсети Бектеши, беше пренос на сурова нафта, а сега, со последните измени на Законот за енергетика, преку него ќе може да се пренесуваат и други деривати, вклучувајќи го и дизелот.
-Пораката е дека по 1991 година до денес нашата држава била зависна од источниот дел за снабдување со енергенси. Од оваа година натаму нема да бидеме зависни од ниту една држава, сами ќе одлучиме согласно принципите на конурентност и дополнитлени можности во делот на снабдување со енергенси што ќе ја зголеми безбедноста на нашата држава и ќе ја забрза интеграцијата во ЕУ, истакна Бектеши.
Тој најави дека Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција предвидува инвестиција во инфраструктурата и поврзување со соседите, како и трансформација на домашните капацитети од конвенционално производство на „зелена енергија“.
-Во делот на фосилните горива, успеавме преку преговори со ЕУ и други засегнати страни да го преминеме рокот од 2030 до 2040 година за да ги пренасочиме нашите блокови, посебно во РЕК Битола и РЕК Осломеј, како и во ТЕЦ Неготино, од производтсво на електирчна енергија со јаглен на природен гас, имајќи предвид дека после децении почнуваме со градење нов интерконетор кој ќе овозможи безбедност во снабдување со енергенси, но генерално и за државатан зашто до овој момент бевме целосно зависни од една влезна точка за снабдување со природен гас - со Република Бугарија, која, за жал, до 2030 година е закупена од „Газпром“, истакна Бектеши.
Според него, МЕПСО работи исклучително добро во делот на поврзуивање на пазарите на електрична енергија и со Косово и со Грција.