Зголемен број на случаи регистриран е во Одделението за ортопедија при Општата болница со проширена дејност во Дебар, по обилните снежни врнежи и голомразицата.

- Само во последните два дена имаме 20 случаи со трауми, лица кои при пад се здобиле со набиеници. Во исто време имаме и 10 случаи со фрактури-скршеници на рамо, рака, нога. Дадена им е соодветна услуга а дел од оние се транспортирани и во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, рече за МИА, Исмаилаки Клења, ортопед.

Последните две утра, во ова подрачје владеат минусните температури, вчера - 8 додека утрово -11 степени.

- Поради неисчистените тротоари па и дел од улиците, на кои има мраз, ги советувам граѓаните да не излегуваат без некоја неопходна потреба, посебно во раните претпладневни и ноќните часови. Доколку сепак мора да излезат од дома секако да бидат многу внимателни, советува Клења.

Според доктор Сефедин Дука, инфектолог, грипот сè уште е присутен на целото пошироко дебарско подрачје. За среќа, додава тој, во овој период не се регистрирани каснувања од кучиња.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2024 15:18