Рехабилитираниот државен пат Крива Паланка – Граничен премин Деве Баир денеска беше пуштен во употреба. Станува збор за 13 километри, со изградена трета лента на оваа значајна делница од Коридорот 8.

Премиерот на Владата Димитар Ковачевски порача дека со проширувањето и рехабилитацијата на овој клучен патен правец, дел од паневропскиот Коридор 8, се става крај на потешкотиите на граѓаните кои го користеа и се овозможува побрзо и побезбедно патување до граничниот премин Деве Баир.

-Реализацијата на патните правци, дел од Коридорот 8 и Коридорот 10-д, за нас се од посебно значење бидејќи инвестициите во овие два коридори се политички и економски влог во нашата европска иднина. Токму за овој значаен пат разговоравме уште првиот ден како претседател на Владата со министерот Бочварски, со премиерот на Бугарија, Кирил Петков и со нивниот тогашен министер за транспорт и врски. И тогаш кажавме дека овој патен правец комплетно ќе го рехабилитираме, комплетно ќе го реконструираме и ќе отвориме трета лента којашто во тоа време не постоеше. Ке извршиме рехабилитација на патот до Страцин и дека ќе ги отпочнеме работите на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка, што доколку медиумите сега отидат ќе видат дека се работи со забрзано темпо, рече Ковачевски.

Ние, потенцира тој, нашето ветување си го остваривме.

-Е сега сакам да му кажам на амбасадорот Гир и на медиумите да му пренесат на сегашниот премиер на Бугарија и на поранешниот премиер на Бугарија Кирил Петков, а сегашен сè уште претседател на партијата „Продолжуваат промените“ дека тие нивната работа не си ја завршија. Ниту го завршија делот на патот кај Ќустендил, ниту го завршија делот на патот на страната на Бугарија кон ГП Клепало, рече премиерот Ковачевски.

Вредноста на инвестицијата изнесува 12.2 милиони евра од кои 2.4 милиони евра грант од ЕУ, а останатите се средства - заем од ЕБРД.

На настанот покрај премиерот присуствуваа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Бочварски рече дека Република Северна Македонија има стратешка определба да го изгради и модернизира Коридорот 8, како дел од Европските коридори што ја поврзуваат оската Запад- Исток, да го забрза и олесни транспортот кон земјите од Европската Унија како и кон земјите од Западен Балкан, со посебен фокус на доизградба и модернизација токму на овој Коридор, како проект од национален интерес.

-Нашата примарна цел е да создадеме модерна и безбедна инфраструктура, која ќе овозможи рамномерен развој на сите региони во државата и кавлитено ќе не поврзе со соседите како дел од нашите регионални политики за полесна интеграција и транспортно поврзување. И поради тоа само во патната инфраструктура инвестираме преку две милијарди евра. Од друга страна овие инвестиции ги реализираме за да создадеме услови за економски раст, олеснувајќи го транспортот на товар и патници и отварајќи нови можности за домашните компании, рече Бочварски.

Коридорот 8 има посебна економско и општествено значење и заедно со ЈП за државни патишта, наведува тој, правиме се за што поскоро да ја завршиме неговата доизградба.

-На само неколку километри од тука, веќе ја завршуваме изградбата на експресниот пат од Крива Паланка до Ранковце за што очекуваме оваа година исто така да го пуштиме во сообраќај, претходно го рехабилитиравме и државниот пат од Страцин до Куманово. Морам да се надоврзам дека и на западниот крак од овој Коридорот, каде започнавме со реализација на најголемата инвестиција во патната инфраструктура во земјата, со изградба на автопатите од Тетово до Гостивар, преку Стража до Кичево и од Требениште до граничниот премин Ќафасан, со што ќе го комплетираме Коридорот 8 на ниво на модерна патна врска, рече Бочварски.

За неколку години се изградени и рехабилитирани преку 1400 километри патна мрежа.

Евроамбасадорот Гир рече дека Европската унија се грижи за просперитет на граѓаните преку поддршка и развој на транспортните рути за подобра инфраструктура.

-Токму затоа обновата на овој значаен пат е поддржана од ЕУ, заради подобра поврзаност на Северна Македонија и Бугарија, но и за подобра поврзаност и здоближување на вашата држава со Европската Унија. Овој пат е најфреквентен за товарен транспорт и претставува главна транспортна врска меѓу економиите на двете држави. Рехабилитацијата значи подобар економски развој на општините од двете страни на границата и ќе донесе придобивки на повеќе начини, а ЕУ дава поддршка на останатиот дел од Коридор 8. Неодамна беше објавен тендерот за железницата, така што, како унија од особено задоволство како дел од тимот Европа во соработка со ЕБОР преку разни грантови и кредити го помагаме прогресот на градба на коридорот, рече Гир.

Реконструкцијата се изврши во рамки на проектот „Побезбедно патување и подобра поврзаност на граѓаните на Северна Македонија“ поддржан од Европската унија и Програмата за инвестирање, а градежните работи и надзорот ги извшија „Гранит“ и „Ероконсалтинг“.

Директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми нагласи дека градежните работи се одвивале во три подделници,со трета лента и изградба на четири нови мостови,а патот е проширен на 10.5 метри.

-Во овој дел од државата имавме сериозни проекти кои беа во функција на модернизација на патната инфраструктура на Коридорот 8. Куманово – Страцин, 13 милиони евра, Узем-Тораница 1,75 милиони евра, а завршена е и рехабилитацијата на Крива Паланка–Луке во должина од 4,7 км. Работиме и на експресниот пат Крива Паланка-Ранковце за што се издвоени средства од околу 62.5 милиони евра. Безбедноста ни е пред сѐ и затоа правиме се за граѓаните кои ги користат овие патни правци да можат безбедно да патуваат, порача Рустеми.

Министерот Николовски рече дека овој со години запоставуван регион конечно има модерно патно поврзување, од Скопје до ГП Деве Баир.

-Сведоци сме колку е вложено на оваа траса, колку напори се направија, се инвестираше во делот Ранковце-Крива Паланка, а еден од најновите проекти за 2024 е реконструкција на четири мкилометри обиколница околу Крива Паланка и ќе имаме целосно обновена инфраструктура до ГП Деве Баир. Во 2024 година во програма на Министерство за земјдоелие е вметнат проект што е вреден над 80 милиони евра, како генерација ќе го направиме тој концепт, крупен владин проект и на министерството, брана на Киселичка Река, за кој ќе се говори во следниот период. И проектот за зимски туристички центар на Царев врв, вреден над 200 милиони евра, е нешто што е отпочнато, со изработена физибилити студија, така што, ски-центарот ќе се изгради можеби во следните 10-15 години, но со сигурност ќе остане како нешто што е отпочнато со оваа Влада. И патно ќе ги поврземе Крива Паланка и Македонска Каменица, ќе најавам за Крива Паланка и мамограф за здравствениот дом во 2024, дигитализиран рентген и нова опрема за подобри услови за граѓаните, како и нова инвестиција од прехрамбената индустрија за Крива Паланка, рече Николовски.

Се грижиме за сите сегменти, патишта, водоводи, млади,спорт, инфраструктура, за возрасните, а се грижиме и за нови работни места, тука во Крива Паланка, порача Николовски.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски упати благодарност до Владата и министерствата, до ЕУ и ЕБОР за поддршката во реалзиација на овој проект, но и за сите останати рпоекти кои го носат рогресот на општината, а Крива Паланка, рече, живее инфраструктурна експанзија благодарение на одличната соработка на релација централна и локална власт



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2024 20:40