Секој четврти граѓанин воочува или се сомнева на корупција во работењето на локалната самоуправа, но, редовното истражување покажа и дека има тенденција на зголемување на незадоволството на граѓаните од услугите на општините и работата на гардоначалниците, рече денеска министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.
Тој на денешниот панел „Земјоделство и рамномерен регионален развој - ЕУ можности и перспективи“ истакна дека централната власт е во постојана „војна“ со општините кои спасот за своето финансиско работење го бараат во: „дајте ни пари“.
-Годинава приоритет ќе биде зајакнувањето на капацитетот на општините, и административен и финансиски, за да можат поактивно и поквалитетно да се вклучат во задоволувањето на услугите на граѓаните. Редовното истражување покажа дека има тенденција на зголемување на незадоволството на граѓаните од услугите на локалната самоуправа, пред се општините и работата на градоначалниците. Најзагрижувачки е сепак, податокот дека секој четврти граѓанин воочува или се сомнева на корупција во работењето на локалната самоуправа. Овие два предизвика можеме да ги совладуваме преку зајакнување на административниот капацитет на општините, но не само преку семинари и советувања за вработените, туку и преку вистинска едукација и дури овозможување помош при вработувања и задржување одреден кадар, напомена Пенов.
Според него, иако урбанизмот е целосно децентрализиран, постојано се зголемува бројот на дивоградби, а некои општини се уште немаат вработено градежни инспектори.
- Имаме целосно децентрализиран урбанизам, општините се комплетно надлежни, а постојано се зголемува бројот на дивоградби. Значи, функцијата не се извршува, а имаме и сознанија дека одредени општини не вработуваат градежни инспектори. Да не ја спомнувам само Општина Чаир, тука е и Општина Радовиш, и таа нема градежен инспектор. Ваквите општини не успеваат ниту со општинска соработка да ја пополнат оваа празнина, подвлече министерот.
Во однос на јакнењето на финансиските капацитети, Пенов потсети дека Владата со ребалансот на Буџетот одвои дополнителни 32,5 милиони евра за 66 прокети во 44 општини.
-Во постојана „војна“ сме со општините кои единствениот излез за финансирњето го бараат кај централната власт иако со децентрализацијата им се доделени алатки за прибирање средства: данок на имот, еколошки такси,... Правилото „загадувачот мора да го плати загадувањето“ не го применуваат, јавните површини се речиси бесплатни, цените на јавните услуги се под нормално ниво,... затоа прават загуби,а услугите опаѓаат, а тие спасот го бараат во „дајте ни пари“, потенцира Пенов.