Многу повеќе е јасно кој е одговорен за хаосот кој се случи деновиве со јавниот превоз во градот Скопје, одговорен е градоначалникот на Скопје, Арсовска и менаџментот односно директорот на ЈСП. Ние повеќе од година и пол апелираме до јавното претпријатие и до градоначалникот дека ова претпријатие се соочува со потешкотии во работењето. И ние како одговорни советници односно избрани од граѓаните, како одговорна советничка група сакаме да излеземе во пресрет и да помогнеме на сето тоа, истакна Марија Андоновска, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во утринската емисија на телевизија Телма.
Андоновска потенцираше дека со докази може да поткрепи дека тие како советничка група барале на повеќе седници информации за работењето на претпријатието.
И ова не е само декларативно вака сега да го зборуваме, туку ова можам да го поткрепам со докази, а тоа е дека ние на повеќе седници бараме информација за работењето на ова претпријатие. Точно пред 14 месеци во декември на седница, бидејќи не можевме на останатите седници, кога имавме точки за ова претпријатие да обезбедиме информации, ние побаравме седница на која што ќе имаме посебна точка како би можеле да разговараме за состојбата во јавното сообраќајно претпријатие, поттикнати од проблемите кои секојдневно ги слушаме од граѓаните. На оваа седница замислете не се појави директорот, не добивме никаков одговор од градоначалникот, ниту од директорот. Сакавме да зборуваме за финансиската состојба на претпријатието, сакавме да зборуваме за возниот ред на автобусите, зошто доцнат, зошто ги нема, сакавме да зборуваме за се она кое што е одговорност и обврска на градоначалникот и на директорот, и е поврзано со квалитетен јавен градски превоз, истакна Андоновска.
Андоновска кажа дека и денеска се чекаат автобуси на автобуските постојки низ Скопје, дека нема доволно автобуси и дека тие што ги има се преполни со патници.
Еве и денеска ако отиде по автобуските низ Скопје ќе видите дека и денеска има многу луѓе кои што чекаат автобуси, и денеска нема доволно автобуси, за да биде тој јавен превоз онаков каков што доликува за еден главен град. И понатака луѓето чекаат по 45 минути, и понатака луѓето се туркаат по автобусите. Зошто сообраќајното претпријатие со толку многу пари, повеќе од пред години не може да ги услужи граѓаните да обезбеди квалитетен јавен превоз? Значи има проблем со менаџментот, тоа сакаме ние да го кажеме и секако да најдеме решение за истото, заклучи таа.