Центарот за управување со знаење, заедно со Центарот за развој на скопскиот плански регион и Јабланичко-пчињскиот регион од Република Србија, денеска започна со реализација на дводневната конференција „Шанса за тебе“, кофинансирана од Европската унија преку ИПАРД 2 Програмата за погранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Србија.
Целта е вмрежување на двата региони помеѓу јавниот и приватниот сектор и зајакнување на пограничната соработка во делот на вработливост и мобилност.
Претседателот на Скопскиот плански регион и градоначалник на Општина Петровец, Борче Митевски, во изјава за медиумите вели ваквите проекти се особено значајни, бидејќи како што рече, придонесуваат во развојот на руралните општини.
- Јас сум горд што денес реализираме таков значаен проект пред се за развој на руралните општини. Знаеме од какво значење е пред се за да ги задржиме младите во нашите општини да немаме иселување и јас како претседател на Скопски плански регион ветив на вработените во Скопски плански регион и директорот дека вакви проекти и во иднина во целост ќе бидат поддржувани од мене, изјави Митевски.
Координаторката на проектот, Андријана Богдановска, вели целта е да се поддржи прекуграничната соработка на Србија и Северна Македонија преку воведување на нови механизми и подобрување на капацитетите на општините, претпријатијата, младите и невработените лица.
-Проектот „Шанса за тебе“ има за цел пред се да ги поддржи мобилноста и прекуграничната соработка во Србија и Северна Македонија. Тоа целиме да го постигнеме преку две конкретни цели. Првата цел е воведување на нови механизми за соработка, а втората цел е преку подобрување на капацитетите на актерите во регионот. Тоа се општините, претпријатијата, младите луѓе и другите невработени лица, рече Богдановска.
Градоначалникот на Општина Власотинце, Братислав Петровиќ, рече проектот создава можност за вработување и мобилност на работната сила во прекуграничното подрачје и придонесува за унапредување на соработката помеѓу јавниот и приватен сектор.
-Со реализација на овој проект ќе овозможиме и кај едните и кај другите да ја намалиме стапката не невработеност, како и создавање можности да немаме никакво ограничување во вработување на ова подрачје, порача Петровиќ