Информацијата дека Саудиска Арабија ќе ја дозволи својата прва продавница за алкохол ги натера граѓаните и странците да размислуваат за едно прашање: дали е ова мала промена во политиката или голем пресврт?
Извори запознаени со подготовките за продавницата открија детали за планот за продавницата.
Продавницата ќе биде лоцирана во Дипломатскиот кварт на главниот град и ќе биде достапна само за немуслимански дипломати, што значи дека за огромното мнозинство од 32-милионскиот народ на Саудиска Арабија, ништо не е променето во моментов.
Дополнително, ќе се спроведуваат квоти за купување.
Пристапот до продавницата ќе биде ограничен на оние кои ќе се регистрираат преку апликација. И од клиентите ќе биде побарано да ги чуваат своите телефони во „специјална мобилна торбичка“ додека купуваат пиво, вино и алкохолни пијалаци.
Сепак, некои жители на Ријад изјавија дека тоа е прв чекор кон поширока достапност до алкохол, што ќе биде драматичен прекин од националната забрана што е во сила од 1952 година.
„Оваа земја продолжува да не изненадува“, рече либански бизнисмен кој синоќа во францускиот ресторан во Ријад, ЛПМ, познат по својата долга листа на безалкохолно вино и коктели зад бар од мермер долг 18 метри.
„Тоа е земја која се развива, која расте и која привлекува многу таленти и многу инвестиции. Така што, се разбира, ќе има многу повеќе“.
Сепак, како и другите гости во ЛПМ, бизнисменот одби да биде именуван, истакнувајќи ја чувствителноста околу сè што е поврзано со алкохолот, кој е забрането во исламот, во земјата во која се наоѓаат муслиманските свети места Мека и Медина.
На друга маса двајца Саудијци на околу триесет години рекоа дека се загрижени за тоа што ќе значи продажбата на алкохол за идентитетот на Кралството.
„Не е тоа што сме“, рече еден од мажите.
„Не е дека имам некакви предрасуди кон луѓето кои пијат. Не, апсолутно не. Но, тоа е нешто што влијае врз културата и заедницата“.
Тој додаде: „Да речеме, ако имам помлад брат или сестра, ако има алкохол таму, постои можност тој да стане алкохоличар“. Неговиот пријател истакна дека би сакал луѓето да продолжат да одат во странство да пијат, како што многумина прават во моментов.
„Едноставно е страшно што дозволуваат такви работи да влезат (во земјата). Секој поединец што сака да проба алкохол, до него може да се дојде по еден час лет со авион“, рече тој.
„Сите патуваат. Лесно е достапно. Но, она што сакам да го кажам е дека не сум среќен што тоа е дозволено“.
Според неговата реформска агенда „Визија 2030“, де факто владетелот на Саудиска Арабија, престолонаследникот Мохамед бин Салман, се обидува да го претвори најголемиот светски извозник на сурова нафта во бизнис, спортски и туристички центар што може да напредува во евентуалната постнафтена ера.
Тоа бара привлекување повеќе странци, а дозволувањето алкохол „во фази“ може да игра улога во тоа, рече Кристин Диван од Институтот за арапски заливски држави во Вашингтон.
„Ова е уште еден чекор во нормализирање на владините санкции за алкохол во дефинирани услови“, рече таа.
Владиниот Центар за меѓународна комуникација вчера соопшти дека целта на новата политика е „да се спротивстави на недозволената трговија со алкохолни стоки и производи добиени од дипломатските претставништва“.
Тоа беше очигледна референца за просперитетниот локален црн пазар, каде шишињата виски често се продаваат за стотици долари.
Објавувањето на вестите на овој начин „веројатно има намера да испрати суптилна порака дека промените можеби се на пат, но дека процесот ќе биде постепен и строго контролиран“, рече Кристијан Улрихсен, соработник за Блискиот Исток во Институтот за јавна политика. Од своја страна, упатените во ресторанската индустрија не беа сигурни дали бизнисот ќе биде погоден во блиска иднина.
„За индустријата за храна и пијалаци, ова нема директно влијание“, рече еден менаџер, иако додаде дека ако се промени начинот на кој надворешниот свет ја гледа Саудиска Арабија, „ова би можело да значи пристап кон Кралството“, што значи повеќе клиенти.
Ако пристапот до алкохол во Саудиска Арабија на крајот се прошири подалеку од она што го опишаа изворите, најмногу ќе загубат маркетите за безалкохолни пијалаци.
„Тоа не е добра работа за мене. Ќе го изгубам мојот бизнис“, низ смеа изјави Еванс Кахинди, бренд менаџер за „Blended by Lyre’s“, компанија за безалкохолни алкохолни пијалаци.
„Отсекогаш постоеле шпекулации за тоа дека има вистински алкохол овде … Но, да бидам искрен, за плановите на Владата се уште не знаеме и не можам да шпекулирам“
РФИ/АФП