Министрите од ВМРО-ДПМНЕ нема да имаат лесна задача во техничката влада, бидејќи во својата суштина на функционирање на ДУИ и СДС видовме дека личните и бизнис интереси и другите малверзации ги ставале пред владеење на правото. Нашите министри во владата се таму за да обезбедат подобар изборен процес, не се да дадат легитимитет на ДУИ и СДС, туку што побрзо ДУИ и СДС да заминат во историјата според волјата на избирачите, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во „Тема на денот“ во дневникот на Сител.
За гласањето на техничката влада, Милошоски посочи дека Талат Џафери не заслужува да биде гласан затоа што во Собранието досега покажа дека за него не важат ни Деловник ни закони.
- Техничките министри ќе учествуваат на седниците на влада, а ние нема да гласаме за Талат како премиер затоа што тој во Собранието покажа дека не го почитува Деловникот, не ги почитува законите и за прв пат Македонија заради Џафери има нецелосна Државна изборна комисија. Не го испочитува правото на опозиционите партии албанскиот блок да кандитираат член на ДИК, изјави Милошоски.
Во однос на изборот на министрите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, Милошоски истакна дека тоа е тимски избори, а министрите се доволно искусни за да одговорат на задачата.
- ВМРО-ДПМНЕ работи тимски. Панче Тошковски идниот технички министер за внатрешни работи е дел од правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ која ја предводеше и за многу законски решенија кои сме ги работеле ни давал совети, сугестии, одредени анализи. Истото се однесува и за другите кандидати. Ѓоко Велковски има осумгодишно искуство во министерството за труд и социјална политика и исто така е внатрешен ревизор, и многу работи кои се поминувале во Собрание ни давал сугестии. Ова е тимски избор на ИК сметам дека овие луѓе со својата способност и капацитет можат да ја оправдаат својата улога во техничката влада, нагласи Милошоски.
Милошоски додаде дека Тошковски како адвокат можел да согледа како еродира МВР последниве години и криминални групи преземаат доминација на теренот наместо МВР да го има последниот збор.
И на крајот Тошковски има предвид добар тим на луѓе кои имаат искуство во МВР и може да биде на нивото на задачата. Неговата задача ќе биде да се сузбие што е можно повеќе криминалот во државата затоа што СДС и ДУИ криминалните групи добија на поголема видливост и влијание, да се намали можноста за манипулации пред изборите, рече Милошоски.