Денес, на настанот на кој се дискутираше за наодите и прелиминарните препораки од функционалната и финансиската анализа на службите за имунизација , како и од анализата за потребните инвестиции во службата за домашна посета, здравствените експерти и партнерите заклучија дека е неопходно да продолжи реорганизацијата на превентивните здравствени услуги за децата.

Сите учесници се согласија дека се неопходни поголеми инвестиции и поефикасна употреба на ресурсите за да може да се врати рутинската покриеност со вакцини на нивоа од 90-95% низ целата земја.

“Превентивната здравствена заштита е еден од главните столбови на здравствениот систем. Драго ми е што денес имаме одлична прилика за размена на знаења и искуства во овие области, со цел унапредување на патронажната служба, имунизацијата и на системот за превентивна здравствена заштита,“ рече министерот за здравство Фатмир Меџити.

Во текот на настанот, здравствените работници и експертите дискутираа за предизвиците и можностите за подобрување на испораката на услуги за имунизација и опфатот на најранливите заедници. Дискусијата се надоврза на наодите и препораките од функционалната и финансиската анализа на службите за вакцинација, каде се идентификувани празнини и предизвици во тековниот систем во однос на организациската поставеност, распределбата на ресурсите и капацитетот на работната сила.

“Се надевам дека препораките ќе влезат во Националната стратегија за имунизација. Владата на САД продолжува со својата поддршка на Северна Македонија во напорите да изгради силни, отпорни и одговорни институции. Нашата колективна посветеност е од витално значење за заштита на најранливите,“ изјави Џери Дибл, претставничка на УСАИД во Северна Македонија.

„Пандемијата изврши огромен притисок врз здравствениот систем и ги наруши рутинските услуги за имунизација. Иако се постигна одредено закрепнување, потребни се поголеми инвестиции за да се премостат системските празнини што изглегоа на виделина кога земјата се обидуваше да изгради поотпорен здравствен систем. Веќе не е доволно само да се набават и дистрибуираат квалитетни вакцини. Земјата треба да ги преиспита и реорганизира капацитетите што ѝ се потребни за да испорача интегрирани програми за превентивна здравствена заштита, со цел да се даде одговор на опсежните демографски промени и на зголемената недоверба во вакцините, истовремено користејќи нови можности како што е дигитализацијата “, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Секое дете заслужува најдобар можен почеток во животот, а превентивната здравствена заштита е клучна компонента за постигнување на таа цел.“

Една од темите на дискусија беше и нееднаквата распределба на тимовите за вакцинација според бројноста на опслуженото население, недостигот од персонал, како и отсуството на координација и соработка со патронажните сестри, матичните лекари и педијатрите. Сето тоа, како и немањето опрема, ги спречува тимовите за имунизација да обезбедат исто ниво на услуги и опфат на сите заедници, но, исто така, ги спречува и да ги ажурираат дигиталните записи. Се разговараше и за потребите од кадар во секторот за примарна и превентивна заштита во рамките на Министерството за здравство и други предизвици со капацитетите.

Учесниците дискутираа и за службата за домашна посета, со цел да се идентификува потребата од инвестиции за поддршка на развојот и одржливоста на службата, со посебен акцент на поврзување и координација со службите за имунизација. Патронажните сестри може да одиграат важна улога во промовирање на имунизацијата, може да им помогнат на семејствата да се справат со дезинформациите и да добијат одговор на своите прашања. Притоа имаат можност да ги потсетат семејствата со деца на Календарот за вакцинација и како да ги примат вакцините. Сепак, во моментов не постои систем за координација и интеграција на поддршката за имунизација и треба повеќе да се работи на зајакнување на службите за домашна посета во руралните, ромските и албанските заедници. Понатаму, треба да се зголеми годишната распределба на буџетски средства за домашна посета за да се обезбеди квалитетна услуга, како и да се воведат стимулации за развој на кариерата за да се задржи постојната работна сила и да се привлече нова.

На настанот беше заклучено дека клучните препораки треба да станат дел од Националната стратегија за имунизација која е во процес на подготовка, но и да стане дел од други релевантни стратешки документи на Владата. Клучните пртепораки опфаќаат зголемување на бројот и географската распределба на тимовите за вакцинација за подобар опфат на детската популација; воведување стимулации за тимовите за имунизација да го достигнат препорачаниот опфат со вакцинација и одржувањето на ажурирана дигитална база на податоци за вакцинацијата за да се обезбеди агилно планирање на активностите за информирање; понатамошно зајакнување на планирање и следење на имунизацијата; развивање и спроведување на национална програма за информирање на заедницата и едукацијата на јавноста.

Оваа иницијатива е дел од пошироките заложби на УНИЦЕФ поддржани од УСАИД. Проектот „Спречување и одговор на КОВИД-19 во Северна Македонија“ има за цел подобро да го оспособи националниот здравствен систем за ефикасен одговор на КОВИД-19, да го зајакне и да ја зголеми неговата отпорност на секоја претстојна пандемија или епидемија кога станува збор за рутинска имунизација.

УНИЦЕФ



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2024 02:19