Следните 100 дена се суштински за да имаме колку толку кредибилен изборен процес. На секој човек му е јасно дека на следните избори ќе победи ВМРО ДПМНЕ. Целта ни е да освоиме 61 пратеник за да се овозможи целосна трансформација на Македонија, порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на дебатата „Важно е“.
Мицкоски изјави дека примарната цел на ВМРО-ДПМНЕ е, како што рече, да го консолидира антивладиниот глас се со цел да освојат 61 пратеник. На тој, начин, рече Мицкоски ќе се отвори портата не за реформи, туку за трансформација на Македонија.
-Тоа ќе го направиме така што ќе покажеме нешто што е поразлично од тоа што до сега било, како што тоа достоинствено го покажуваат повеќе од 42 градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ работејќи чесно, посветено без ниту еден скандал коруптивен. Тие промовираа еден поинаков начин на функционирање во кој што можеме да кажеме дека не важи правилото сите се исти. Тоа треба да го направиме овие 100 дена и јас тоа го очекувам од овие луѓе кои денеска се со мене тука, а од граѓаните очекувам да не бидат жртви на реториката на јастребите кои што се опозиција на опозицијата, да го консолидираме гласот околу коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и да освоиме 61 пратеник, а на тој начин ќе се отвори портата не за реформи, туку за трансформација на Македонија, нагласи Мицкоски.
Тој рече дека ќе покажат нешто поразлично од ова што било досега и додаде дека петте нивни претставници во техничката влада ќе го покажат тоа во следните 100 дена.
-Втора работа која што е исто така важна во сите овие ресори без разлика дали станува збор за администрацијата каде вештачки се објавуваат конкурси, и таму гледаме дека партиски војници се вработуваат, а не луѓе со компетенции, да можеме да влијаеме да го сведеме тоа во едни нормални рамки, односно доколку се потребни луѓе за вработува да се примат луѓе со знаење и вештини, компетентни. Во земјоделие ќе има големи предизвици, утрово следев дека има проблем со откупот на тутун, реколтата е преполовена, но цените се незадоволителни, земјоделците протестираат. Кај Панче во МВР не очекува голема задача и предизвик. Институцијата МВР само по себе нуди многу предизвици. Но, јас сум убеден дека како истакнат правник за кој јас лично имам огромна доверба, заедно со тимот кој ќе го состави оние 15 менувања и хоризонтални поместувања, ќе одговори на предизвиците за организирање на фер и демократки претседателски и парламентарни избори. Кај Елена во финансии ќе има големи предизвици, знаете буџетот во каква состојба е. Елена е исклучителен професионалец со повеќе од 25 години работно искуство. Позади себе има десетици обуки од ММФ, Светска Банка итн, рече Мицкоски.
За кандидатот за технички министер за труд и социјална политика рече дека има долгогодишно искуство во секторот, кои ги поминал сите скалила.
-Имаме тим од пет професионалци кои убеден сум дека овие 100 дена ќе дадат се од себе за да обезбедат кредибилен процес, да го одбранат гласот и волјата и народот, а со својата работа ќе покажат и докажат дека не се сите исти, а ние на 8 мај ќе се радуваме на нов претседател од ВМРО-ДПМНЕ и победа со мнозинство во Парламентот, како коалиција која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
На дебатата учествуваа и Панче Тошковски, предложен кандидат за технички министер за внатрешни работи, Ѓоко Велковски, предложен кандидат за технички министер за труд и социјална политика, Елена Петрова, предложен кандидат за дополнителен заменик министер за финансии, Цветан Трипуновски, предложен кандидат за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Стефан Андоновски, предложен кандидат за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација.
Кандидатот за технички министер за внатрешни работи Тошковски рече дека МВР е едно од клучните министерства кои што ќе треба да овозможи фер и демократски избори во наредниот период. Вети дека МВР ќе биде сервис на граѓаните и додаде дека ќе предложи измени на Законот за патни исправи, бидејќи како што кажа, надвор од разумот е да се важечки, а да не се употребуваат од граѓаните
-Како министер ќе сторам се од себе, паролата „како до сега“ да ја заменам со една парола каде владеење на правото ќе биде основно, граѓаните ќе бидат еднакви пред законот, ќе нема привилегии и секој еден ќе се чувствува доблесно и чесно. МВР во наредниот период ќе даде максимум да обезбеди вистинска борба против организираниот криминал и корупцијата од една страна, а од другата да биде сервис на граѓаните, кажа Тошковски.
Укажа дека според негови информации целосно е невозможно да се задоволат потребите на граѓаните за лични документи согласно сегашната законска регулатива посочувајќи на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд.
-Но, Уставниот суд функционира така како што функционира затоа еден од првите чекори ќе биде да предложам измени на Законот за патни исправи или да се пролонгира рокот на важење. Надвор од разумот е да се важечки, а да не се употребуваат од граѓаните. Тоа е единствено нешто кое суштински ќе го реши проблеми, останува да видиме како ќе се однесува техничката влада и сите институции. Но, ги уверувам граѓаните ќе сторам се процесот да е достоинствен во рамки на можностите. Секако нема да е како до сега ќе биде многу поинаку, заклучи Тошковски.
Кандидатот за технички министер за труд и социјална политика Велковски посочи дека повеќе од 600 илјади граѓани живеат со 150 ден на ден и потенцира дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе направи системски решенија за сите граѓани да имаат достоен стандард.
-Министерството за труд и социјална политика го има еден од најголемите буџети, тука се сведени средствата од околу една четвртина, од вкупниот годишен буџет на Македонија и сите социјални трансфери кон пензионерите, сите социјални трансфери кон ранливите категории, поминуваат преку Министерството. Затоа е и толку важно да имаме одредена контрола врз самиот систем таму, за да нема одредени злоупотреби, малверзации со овие граѓани, кои што ако ги земете како вкупна бројка на население и оние како невработени, се скоро половината од населението во нашата држава, рече Велковски.
Нагласи дека повеќе од 600 илјади граѓани живеат со по 150 денари дневно.
-Повеќе од 600 илјади граѓани живеат со само 150 денари на ден. Со 150 денари некој да преживее денес во нашата држава е незамисливо. Податокот кој што го имаме ние и е јавен, е дека од тие 600 илјади граѓани, дури 30 отсто се млади луѓе или луѓе до 18 годишна возраст, кои што имаат помалку од 150 денари во џеб. Затоа после се прашува зошто младите луѓе ја напуштаат државата и зошто после нивната 18-та година, заминуваат во странство, еве ја причината. Како идна влада треба да работиме многу за ова да се смени многу брзо и да ги задржиме младите луѓе, тука во Македонија, потенцира Велковски.
Тој нагласи дека антикризниот пакет за пензионерите и сите оние ранливи категории на граѓани, е всушност давање на милостина на владата кон нив, а не функционирање на еден систем, кој вистински ќе им помогне на луѓето.
Според него, пензионерите се луѓе кои го граделе овој систем, потенцирајќи дека власта не им го исполнила ни тоа што им го ветила, а ниту тоа што им следува.
-Не што го немаат тоа што им го ветуваа, туку тие го немаат и тоа што им следува.
Власта донесе еден пакет за мерки, на сила донесени во декември, каде се опфатени пензионерите и сите оние ранливи категории на граѓани. Едни ќе земат 1.500 денари, други ќе земат 2.000 денари, меѓутоа тие ќе ги потрошат за еден ден. Тоа не е помош кон нив, тоа е буквално на давање на милостина кон нив, а не функционирање на еден систем, кој вистински ќе им помогне на луѓето, додаде Велковски и укажа дека владата која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, ќе направи системски решенија со кои ќе се потруд нивниот стандард да биде достоен како граѓани.
Кандидатката за дополнителен заменик министер за финансии Петрова истакна дека Власта на СДСМ и ДУИ досега потроши 27,8 милијарди евра, а од даноци и придонеси собрала 24,4 милијарди евра со што направила дополнително задолжување на државата од 3,4 милијарди евра за кое во наредните пет години само за камати ќе треба да се плаќаат по 350 милиони евра годишно. Од овие пари, како што кажа, помалку од 10 отсто според власта се употребени за капитални проекти и додаде дека народот не може во пракса да види ништо од тоа што е направено.
-Клучното прашање е каде и како се потрошени јавните пари. Дали со трошењето на тие јавни средства се подобри благосостојбата и животот на граѓаните во Македонија? Дали со трошењето на јавните средства се подобри деловното опкружување за работа на компаниите во Република Македонија? Одговорот е не, рече Петрова.
Таа потенцираше дека власта само со фалби го прикрива неодговорното и расипничко трошење, криминал и корупција. -Во периодот од 2017 до 2023 година имаме просечен годишен раст на економијата од само 1,7 отсто, што е најнизок во однос на сите околни земји, кои имаат двојно поголем раст на економијата од 3,5 отсто просечно годишно. Со ова темпо ни требаат 60 години да се достигне стандардот во земјите од ЕУ, рече Петрова.
Инфлацијата, односно порастот на трошоците за живот од крајот на 2020 до крајот на 2023, како што кажа, е 30 отсто. Порастот на цените на храната е 40 отсто, а трошоците за комуналии се зголемени за 27 отсто.
-Во такви услови при пораст на животните трошоци, реалната вредност на платите и пензиите што ги добиваме сите е помала, посочи Елена Петрова.
Според неа, буџетот во време на оваа власт се сведе на буџет за плати и закрпување на дупки, без вложување во инфраструктура и продуктивни проекти. -Очекуваме дека ќе се соочиме со предизборни манипулации во трошењето на буџетските средства, а тоа се гледа и од самиот буџет за 2024 година, кој е креиран така да го овозможи тоа трошење со оној пакет на антикризни мерки, рече Петрова.
Кандидатот за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација Андоновски посочи дека МИОА уназадуваше во последните шест години во делот на дигитализацијата и трансформацијата на општеството поради, како што рече, слабите кадри што беа министри.
-Јавната администрација се употребува односно се злоупотребува како алатка за социјална помош од една страна и како алатка за ангажирање на армијата која што треба да работи за ДУИ и СДСМ за следните избори, и тоа се прави на три начини. Прво е вештачкото вработување, вториот дел е незаслуженото или незаконското унапредување на лица во рамки на јавната администрација и третиот дел е на партиското разрешување и уназадување на лица во јавната администрација, рече Андоновски.
Во последните 6 години, додаде, ни се случуваше луѓето кои не се подведоа под власта на ДУИ да се шиканирани, уназадувани, дел од нив преместувани на работни место по 20-30-50 километри од нивното место на живеење, за во исто време нивните места вештачки да бидат пополнети со кадри кои што не ги исполнуваат условите, кој што го менуваат својот етникум по 3-4 пати на ден за да може да аплицираат на конкурсите и кои незаконски се качуваат 2-3-4 скалила во јавната администрација.
-Во конкурс распишан пред неколку дена, 60 лица се бараат да бидат вработени во СОЗР, 355 лица се бара да бидат вработени во ЈП „Македонски шуми“, 82 лица треба да бидат вработени во матично, 61 во колабиран Фонд за здравствено осигурување. Токму тоа што се случува во Македонија, ова вештачка експлозија или ова преполнување на јавната администрација, преку 3.000 позиции се отворени во моментот, околу 1002 се преку Агенцијата за администрација, преку АВРМ се 736, уште 95 се во јавното претпријатија за патишта, рече Андоновски.
Побара надлежните во наредниот период да ги поништат сите незаконски и неважечките постапки.
-Апелирам во наредниот период да си ги поништат, додека се уште отворени, таму каде што самите се свесни дека направиле кикс во постапката, да си ја поништат затоа што гарантирам дека со доаѓањето на техничката влада, особено новата влада на ВМРО-ДПМНЕ одговорност за вакво незаконско однесување, за ваква тешка злоупотреба на службената положба ќе има, и ние тоа го гарантираме, кажа тој.
Кандидатот за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Трипуновски истакна дека во моментов немаме категорија на земјоделци, кои што не се разочарани, потценети, ограбени и омаловажени.
-Во моментов немаме категорија на земјоделци коишто не се разочарани, потценети, ограбени и омаловажени, независно дали се работи за тутунарите, за лозарите, за градинарите, за сточарите. Буквално нема категорија на земјоделци коишто изминативе шест и пол години не ја почувствува лошата политика на власта во делот на земјоделството, истакна Трипуновски.
Посочи дека од 2014 година земјава има увезено храна во висина од 517 милиони евра додека во 2023 година само до 11-ти месец за таа намена потрошила 887 милиони евра.
-Тоа е зголемување за над 70 отсто пари коишто можеле да останат во Република Македонија, кај македонските граѓани и македонските земјоделци или за овие шест и пол години колку што е СДСМ на власт Република Македонија потрошила повеќе од 5 милијарди евра за увоз на храна, рече Трипуновски.
Ако во 2014 година, додаде во регистарот, додаде, имаше над 90 илјади корисници на субвенции, за минатата 2023 се нешто помалку од 65 илјади корисници.
-Тоа е бројка од 25 илјади корисници македонски семејства коишто веќе не се занимаваат со земјоделство и ова практично го поткрепува првиот факт зошто Македонија е се повеќе увозно зависна од храна, рече Трипуновски.
Ваквата лоша состојба, според него се должи на нерамноправната распределба на земјоделското земјиште коешто наместо на вистинските земјоделци се делеше на луѓе блиски до власта, но и поради кратењето на субвенциите.
-Нашата најголема фабрика наречена земјоделство е во фаза на сериозно изумирање, а Македонија пред се ќе стане комплетно увозно зависна од храна која што ќе значи неквалитетна и скапа храна, потенцира Трипуновски.
Иако Министерството знае дека ќе се формира техничка влада, дека ќе има избори, посочи, забрзано објавуваше јавни повици за аплицирање за доделување на земјоделско земјиште и ред други огласи.
-Сакам да ја искористам оваа прилика да упатам еден апел до ресорниот министер овие повици веднаш да ги стопира затоа што знаејќи дека во фаза на техничка влада практично невозможно и од правен аспект да се реализираат ваквите повици. Оваа манипулација да престане уште од денес, а јас како технички министер ќе дадам се од себе покрај ваквите случаи и во други ситуации да ги заштитам интересите на македонските земјоделци за да се овозможи изборниот процес да биде во рамките на тоа што го задоволува правото и правните односи, заклучи Трипуновски