Во делчевското село Вирче финишираат активностите за уредување на манастирот „Св. Георги“. На иницијатива на иселеникот Венци Ангеловски, денеска се работеше на доизградба на тремот кој се наоѓа покрај самиот храм, по што ќе следува и негово покривање.

Како што информираа учесниците во денешната акција, целта е жителите да бидат подготвени за одбележувањето на празникот Ѓурѓовден, кој секоја година го слават кај месноста Ѓурѓов Даб каде се наоѓа самиот манастир.

-Сега се наоѓаме кај месноста Ѓурѓов Даб и манастирот „Св. Георги“ каде градиме трпезарија. Здружени сме сите од селото со помагатели од Австралија, Америка, сите донираат. Претходно направивме кај црквата „Св.Никола“ во селото, направивме сега и овде на манстирот. Главен иницијатор е Венци Ангеловски, тој има своја група, ние му дозволивме, го поддржуваме сите, заеднички работиме и ќе успееме, рече мајстор Ефрем, еден од денешните учесници во акцијата.

Според младиот Васко Панчовски, последните две години ваквите акции наидуваат на добра организирсност од страна на селаните, а самиот трем, како што додаде, ќе биде од полза за цело село и други луѓе од Општината кои ќе го посетуваат манастирот за празникот.

Еден од постарите учесници во денешната акција додаде дека иако поголем дел од младите се иселени, летно време се враќаат во родниот крај и го заживуваат селото.

За доградба на храмот „Св. Георги“ на жителите ќе им биде потребна помошта од спонзори, со цел тремот потоа и внатрешно да се уреди. Заради тоа апелираа на помош од локалните фирми



Автор: Администратор
Објавено на: 28/01/2024 21:41