Планинарскиот спортски клуб „Голак" од Делчево викендов реализираше планинарска акција по повод 10 години постоење на клубот. Одбележувањето на 10 годишнината од постоењето на клубот, како што истакна претседателот на клубот Љупчо Чучуковски, било на симболичен начин, со тоа што неколку членови на клубот реализираа лесна планинарска акција по падините на планината Голак, поточно во атарот на село Бигла.

- Планинарскиот марш беше во должина од 8,3 километри. Се движевме по оваа патека заради безбедносни причини, односно поради ловната сезона која се уште трае, каде има голем број на ловџии. Патеката започна од месноста Раскрсница на 729 м.н.в. потоа се движевме низ местото Противтенковски пирамиди, Жандармерија - Шумско, Кржовска Маала, Средна Маала 779 м.н.в. за да се вратиме кај месноста Раскрсница, информираше Чучуковски.

Планинарскиот марш поминувал низ живописна природа, со тоа што тие попатно ја посетиле куќата на дедо Митко Станоевски, првиот ороводец на орото Копачка во селото Драмче.

- Исто така попатно го посетивме некогашното основно училиште Јане Сандански, кое од 2008 година е затворено. Имавме преубав пречек од нашите пријатели, домаќините Слободанка и Здравко Павловски од Кржовска Маала во с.Бигла каде вкусивме домашен топол леб печен во фурна на дрва, домашен Ајвар, лутеница, чај, сливова домашна ракија, домашно месо. Големо задоволство ни беше што ни се придружи најстариот домаќин 80-годишниот Дедо Блажо, со кој имавме прекрасен разговор, додаде Чучуковски.

Селото Бигла е село со голема историска важност посебно во двете Светски војни заради што и планинарите одлучиле да ја реализираат оваа маршрута која поминала во позитивна атмосфера во одлични временски услови.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2024 11:49