Воведен збор на претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, на настан на кој се зборуваше за спроведувањето на Европската детска гаранција во Македонија

„Би почнала со некои податоци и информации од кои е очигледно дека ни е потребен механизам како Европската детска гаранција.

Според Студија на УНИЦЕФ, 12 проценти од децата од 5 до 17-годишна возраст и 9 проценти од децата помлади од 5 години во Македонија се изложени на повеќедимензионална сиромаштија. Студијата за повеќедимензионалната детска сиромаштија беше прва на Западниот Балкан, при што се користеше светски најприфатениот методолошки пристап во овој домен. Лишувањето од образование, ран детски развој, здравје и исхрана, безбедност, како и од љубовта и негата се меѓу петте фактори што најмногу придонесуваат за детската сиромаштија, што укажува на областите каде што има најголема потреба од зголемување на средствата и обезбедување подобри услуги.

Децата Роми се значително поранливи - барем секое трето дете од ромската заедница е изложено на повеќедимензионална сиромаштија, а во општата популација тоа е случај кај секое деветто дете. Додека го изготвувавме профилот на децата што се во најголем ризик, ги идентификувавме и географски најранливите заедници во поглед на повеќедимензионална детска сиромаштија. Во два региона, Источниот и Југоисточниот, е најзастапена повеќедимензионалната сиромаштија, а полошкиот и скопскиот регион се исто така исклучително ранливи.

Децата кои се соочуваат со сиромаштија и/или исклучување се среќаваат со поголеми пречки во пристапување до услугите и добивање на потребната поддршка, бидејќи системите не се поставени за да им служат на овие деца - систематски да ги идентификуваат и децата и потребите, да ги исконтактираат, да ги поврзат со услугите од главните текови и да ги следат во целиот систем. Овие деца не го постигнуваат целосниот потенцијал.

Пристапот до здравствената грижа е предизвик зашто над 21.000 деца во земјата немаат здравствено осигурување, а дури и осигурените деца од домаќинства со ниски примања не се ослободени од партиципација за амбулантни лекови и медицински производи. Ефективноста на програмите за здравствена грижа за мајки и деца, како и програмите за вакцинација на децата, може значително да се подобрат.

Иако пристапот до основно образование е бесплатен во Северна Македонија, власта допрва треба да обезбеди бесплатен оброк за сите ученици, и покрај заложбите за продолжување на траењето на секојдневните училишни активности на децата. Понатаму, трошоците за воншколски активности се само делумно покриени од општините, па децата од посиромашните семејства не можат целосно да се вклучат во воншколските активности, како што се искуственото учење, уметноста и спортовите.

Според заклучните согледувања на Комитетот за правата на детето (КПД) за Северна Македонија, објавени во 2022 г., власта треба и понатаму да ги зајакнува основните социјални услуги на локално ниво и да го приоретизира обезбедувањето социјални услуги според потребите на децата во ранливи ситуации, особено на децата Роми, децата-бегалци и децата-азиланти, и децата од семејства кои се соочуваат со сиромаштија, попреченост, социјална исклученост и стигма.

Во извештајот на ЕУ за земјата се забележува дека се потребни дополнителни заложби за системот на социјална заштита да стане поприемчив за децата врз основа на модел за обезбедување услуги фокусиран на детето, меѓу другото и со зајакнување на професионалниот развој и надзор во обезбедувањето квалитетни услуги за заштита на детето. Истовремено, според Конвенцијата за правата на детето треба да се приоретизираат реформите на системот за заштита на деца, меѓу другото и со замена на малите групни домови со вдомување во семејство, како и со понатамошно зајакнување на системот за згрижување деца. Мерките за искоренување детски бракови и подигање на свесноста за негативните влијанија на таквите штетни традиционални практики на децата, особено во ромската популација, се и понатаму неефикасни.

За горенаведените предизвици е потребен системски пристап, за да обезбедиме ранливите деца да имаат ефективен пристап до основните социјални услуги, децата што се во најнезавидна положба да добиваат универзални, таргетирани или специјализирани услуги, и овие услуги да бидат соодветни и прифатливи за децата и нивните старатели и да им се обезбедени на начин на кој не се предизвикува стигматизација или дискриминација.

Европската детска гаранција е клучна активност на ЕУ за борба со сиромаштијата, за популаризација на инклузивни општества со слух за децата, како и на системите за здравство, заштита и образование.

Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија е активен партнер на Европската комисија за пилотирање на Европската детска гаранција во седум земји членки: Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Италија, Литванија и Шпанија.

Ве поттикнуваме да го искористите знаењето и искуството што произлегува од ова партнерство за да го поддржите воведувањето на Европската детска гаранција во Северна Македонија. Иако изгледа амбициозно, една од предностите на оваа земја во врска со таквиот реформски пат е што наследува систем кој имал карактеристики на социјална држава и обезбедувал исклучително широка палета бесплатни основни услуги.

УНИЦЕФ соработува со Министерството за труд и социјална политика (МТСП), како и со ресорните министерства за образование и здравство, за да обезбеди заштита на правата на сите деца и да обезбеди системски пристап до основните услуги на ранливите деца преку спроведување на Европската детска гаранција.

„Имаме среќа во земјава што имаме наследено систем со карактеристики на социјална држава, кој обезбедувал исклучително широка палета универзални и бесплатни основни социјални услуги. УНИЦЕФ ја поддржува меѓусекторската работна група што го изготвува националниот акциски план за детски права, со што ќе се осмислат мерки за спроведување на Гаранцијата.

„Со спроведувањето на детската гаранција во Северна Македонија ќе се воспостават и универзални и таргетирани интервенции за да им се обезбедат социјална заштита, образование и здравствена нега на најранливите деца, меѓу кои и децата на улица, децата принудени прерано да стапуваат во брак, како и деца засегнати од миграција, и пропишана со закон и врз основа на заедницата, во зависност од конкретниот контекст на детето и семејството.

„На овој начин исто така ќе им се помогне на националните и локалните власти да го зајакнат управувањето со јавни финансии во врска со подобро планирање, буџетирање и спроведување на буџетот за основните социјални услуги за ранливите деца - во сферата на детска и социјална заштита, здравствена грижа и образование. Со ова ќе се обезбеди чекор по чекор секое дете да добие пристап до квалитетно образование, здравствена грижа, благосостојба и заштита. И секое дете да може да го постигне целосниот потенцијал.

Повеќе информации за Европската детска гаранција:

Сиромаштијата и социјалната исклученост оставија големи последици врз животот на децата, го отежнаа пристапот до основни услуги како што се здравствена грижа, образование, грижа за децата и квалитетно домување. Децата кои се соочуваат со сиромаштија и/или исклучување се среќаваат со поголеми пречки, бидејќи системите не се поставени за да им служат на овие деца - систематски да ги идентификуваат и децата и потребите, да стапат во контакт со нив, да ги поврзат со основните услугите и да ги следат во целиот систем.

Европската детска гаранција е механизам на ЕУ за спречување општествено исклучување на загрозените деца со тоа што им се гарантира пристап до низа клучни основни социјални услуги. Со детската гаранција треба да се осигури дека ранливите деца имаат пристап до квалитетни услуги, односно, да се определат минималните пакети на услуги за секоја група најранливи деца. Со гаранцијата, која е веќе спроведена во неколку европски држави, се воведуваат иновативни пристапи на националното буџетирање, планирање и развој на национални акциски планови за намалување на детската сиромаштија и справување со системските неповолности на особено ранливите деца. Целта и е да обезбеди ефективен пристап до основни социјални услуги за ранливите деца, како и таргетирани и специјализирани услуги соодветни и прифатливи за децата и нивните старатели на начин на кој се избегнува стигматизација и дискриминација.

УНИЦЕФ



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2024 15:34