Во државава има системи за справување и рано предупредување од климатските промени, но потребни се повеќе човечки капацитети и многу повеќе опрема, како и интерсекторска соработка. Во изминатиот период, надлежните регистрираат зголемен број пожари и поплави како резултат на климатските промени за што се ангажираат сите расположливи капацитети.
Центарот за управување со кризи минатата година до крајот на октомври регистрирал голем број шумски пожари, а при крајот на пролетта и поплави.
- Понекогаш се случуваше да имаме и по 50-тина пожари на отворено, од коишто најголемиот дел во шуми и се претвораа во сериозни шумски пожари. Воедно, минатата година при крајот на пролетта имавме и доста поплави што нанесоа штета на земјоделските посеви, но и на населението. За жал, и оваа пролет повторно очекуваме да има поплави, а и ова лето кое најверојатно повторно ќе биде многу жешко и суво, повторно очекуваме и голем број на пожари поради што ги димензионираме нашите активности, односно ги подготвуваме сите ресурси неопходни за справување со големите шумски пожари, изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов пред завршната конференција на проектот „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“ во организација на Центарот за климатски промени.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути вели дека минатата година за првпат по 2009 година биле ангажирани сите три авиони на ДЗС. Проблем со кој се соочува оваа институција е недостигот на пилоти за авионите.
- Имаме еден предизвик што е пред нас, а којшто заедно со Владата и со другите министерства гледаме да го завршиме, а тоа е недостигот на пилоти. Тоа прашање е на национално ниво. Проблем на национално ниво е што немаме пилоти, многу млади кадри избегаа надвор. Треба да работиме на тоа да ги нормализираме и платите заедно со другите институции, но и други бенефиции со коишто ќе ги привлекуваме да станат дел од авио одделението на Дирекцијата за заштита и спасување, вели Максути.
Според министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, потребна е координација меѓу сите инволвирани страни за справување со климатските промени.
- Јас ги повикувам сите многу активно да работиме, бидејќи гледаме дека се повеќе има влијание на климата не само во нашата држава, туку и глобално, изјави Шукова.
Додава дека државата работи на зелената транзиција и дека на Самитот за климатски промени во Дубаи е потпишан меморандум за соработка со финансиски институции.
- Стратегијата на државата оди во таа насока – фотоволтаци, ветерни паркови, полека ќе ги исфрламе нееколошките горива и одиме кон обновливи извори на енергија. Државата има амбиција, таа е препознаена од меѓународната заедница и се движиме во тој правец, нагласи Шукова.
Денешниот настан што се одржува во Скопје е завршна конференција на проектот „Зголемување на климатската отпорност на локално ниво“ што го спроведува Центарот за климатски промени во рамки на програмата „Граѓанска организација за климатски активности“ финансирана од Владата на Шведска, а имплементирана од Еко-свест, МЗМП и Фондацијата CNVP.