Почна реконструкцијата на водоводната и канализациска мрежа на улицата „11 Октомври“ во Урбаната заедница „Славчо Стојменски“ или месноста позната како Бело Брдо во Штип. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека се почнува со темелната реконструкцијата на старата водоводна и канализациска мрежа, која 40 години не е обновена. Посочи дека токму застарената мрежа честопати на оваа линија има и дефекти.

-Целосната реконструкција ќе ги опфати и тротоарите и коловозната лента со вадење на постоечката коцка и калдрма и нанесување на асфалтен слој. Сакам да најавам дека во месноста Бело Брдо ќе бидат опфатени и многу други улици, ќе се реконструираат и тротоарите на улицата „Еврејска“, потоа на улицата „Христијан Карпош“ целосна промена на водоводна и канализациона линија, вели Јорданов.

Освен оваа улица по повеќе од четири децении ќе се реконструираат темелно неколку улици и во населба Леваци. Јорданов посочи дека со инвестиција повеќе од 50 милиони денари темелно нов изглед ќе добијат улиците во месноста Бело Брдо и населба Леваци. Ќе се работи и на водоводната и канализацискас мрежа.

-Улиците во населба Леваци оваа пролет ќе започнат со целосна и темелна реконструкција со промена на подземната инфраструктура, со промена на тротоарски површини и асфалтирање. Повеќе од 50 милиони денари ќе бидат вложени во месноста Бело Брдо и во населбата Леваци, додава Јорданов.

Тој истакна дека дел од активностите на терен започнаа, друг дел се очекува да почнат напролет со подобрување на временски услови.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/01/2024 15:35