Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска ги додели наградите од конкурсот на тема „Справување со загадувањето на воздухот во Република Северна Македонија“ за 2023 година, распишан во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Амбасадата на Шведска.

Првата награда ја доби новинарката Катерина Топалова за сторијата „Тешка зима“ изработена од пет прилози во низа, објавена на doma.edu.mk, платформа на Институтот за комуникациски студии. Второнаградена е Ангела Петровска за сторијата „Земја без решение за чист воздух“ објавена на Види вака. Трета награда им беше доделена на новинарите Тони Михаилов и Игор Стојанов за сторијата „Текстилниот отпад од загадувач до суровина и производ со нова вредност“ објавена на Гоце.мк во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Покрај трите награди, беа доделени и три признанија за иновативен и креативен пристап за кревање на јавната свест за животната средина: Бојан Блажевски за темата „Жителите на Пробиштип со децении живеат со тешки отровни метали пред нивните домови“, објавена на Мета.мк; Мартин Пушевски за темата „Со старите загадувачи до спас од кризата“ објавена на МРТ1 и Христина Георгиевска за темата „Човекот што ја озелени Македонија по него таа се одзелени“ објавена на Види вака.

За наградите одлучи комисија во состав: Мира Костиќ, Елида Зулбеари и Весна Микиќ.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски рече дека новинарите преку својата макотрпна истражувачка работа дале посебен придонес кон проблемот со загаденоста кој, рече, со години не засега сите, и посочи дека од година во година расте интересот на новинарите за истражување на оваа тема.

-Сведоци сме на зголемување на процентите на загаденост, свесни сме сите за последиците, но секоја информација и нова содржина плус, секој критички осврт кон овој проблем повеќе, ќе не прави нас повеќе будни и како општество и како целина, и уште повеќе, ќе ги повикуваме институциите на одговорност, рече Чадиковски.

Постојаниот претставник на УНДП во земјава Армен Грегоријан рече дека партнерството со ЗНМ за јакнење на свеста за овој проблем е од голема важност.

-Со години наназад новинарите го обработуваат прашањето на аерозагадувањето помагајќи им на граѓаните да го решат едно од најважните прашања на денешницата – да се најде одговор на прашањето кој е изворот на загадувањето во кое живееме, рече претставникот на УНДП.

Амбасадорката на Шведска во земјава Ами Ларсон Јаим истакна дека со помош на работата на новинарите и јавноста успешно се снаоѓа во морето информации и дезинформации поврзани со аерозагадувањето.

-Борбата против загадувањето на воздухот не е само проблем на животната средина, туку засегнато е и јавното здравје, социјалната правда и одржливиот развој. Со заеднички напори имаме моќ да го надминеме овој предизвик и да обезбедиме поздрава иднина за следните генерации, порача амбасадорката на Шведска



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2024 21:55